Во Скопје прославен празникот на Евхаристијата

Во Скопје прославен празникот на Евхаристијата

Во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на 20 јуни 2019 година, на  празникот Пресвето Тело и Крв Христова, свеченото Евхаристиско славење и процесијата ја предводеше Скопскиот бискуп и епарх Струмичко-скопски монс. д-р Киро Стојанов.

Во пригодната проповед  бискупот Киро Стојанов истакна: „Драги браќа и сестри, најстариот запис за Евхаристијата се наоѓа во посланието на свети апостол Павле до Коринтјаните. Тој не беше на Последната вечера а, како што слушнавме, пишува вака: „Навистина, јас го примив од Господ она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб, и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас, правете го ова за спомен Мој!“ По вечерата, исто така, зеде и чаша па рече: „Ова чаша е Новиот завет во Мојата крв; правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“Зашто секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде“ (1 Кор 11,23-26). Апостол Павле нагласува дека Евхаристијата е голем дар што Исус ја даде на своите ученици во очекувањето на Неговото повторно доаѓање. Тоа е дар што го подготвува Исусовото враќање и воспитува за живот во очекување на Неговото доаѓање. Од таа причина вообичаената молитва на Христовите ученици е: Мараната – дојди Господи Исусе. Во срцето на секоја Евхаристија собраната заедница пее: Твојата смрт, Господи ја навестуваме, твоето Воскресение го славиме, Твоето славно доаѓање го чекаме. Тој факт не потсетува дека ние сме патници на земјата и дека Евхаристијата ни е дарувана како леб, како храна за патување. Кардинал Комастри раскажува: еднаш придружувајќи ја Мајка Тереза, бев сведок на волшебната сцена преку која е прикажана внатрешноста на оваа извонредна верничка која целата беше отсликана со Евхаристијата. Мајка Тереза се беше упатила кон една Римска парохија, а јас ја придружував со две чесни сестри. Стоевме на автобуската постојка покрај археолошкото шеталиште, само што излеговме од куќата на Мисионерките на љубовта кај авенијата на св. папа Гргур на ридот Чели. Додека чекавме изненадено се застана еден автомобил. Возачот очигледно ја препозна Мајка Тереза и сакајќи да ја покаже својата човечност праша: „Мајко што чекате? Мајка, без трошка колебање, одговори: Чекам рај, драги мој! Сите се насмеавме,  Мајка Тереза, всушност, не потсети на темелната христијанска вистина дека тие кои живеат од Евхаристијата чекаат рај. Бидејќи во Евхаристијата ни се дарува Исус во своето тело и крв и така не претворува во себе да станеме желни што понапред со него се состанеме во вечноста“.

„Црквата живее благодарејќи на Евхаристијата. Оваа вистина не изразува само дневно искуство на верата туку во себе содржи и бит на таинството на Црквата. Црквата на многу начини радосно доживува ветување кое непрекинато се исполнува: „ете Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот“ (Мт 28,20). Благодарејќи на Пресветата евхаристија, во која се случува претворање на леб и вино во тело и крв на нашиот Господ Исус Христос, Црквата на посебен начин се радува на таа присутност. Тој Исусов дар го прими како најголем, бидејќи тоа е дар од Него самиот, Неговата личност, Неговото свето човештво и тоа е дар на Неговото откупителско дело. Тој не е ограничен на минатото бидејќи, оној кој е Христос, тоа што го направи и претрпи за целото човештво учествува во Божјата вечност, надминува две времиња и постојано е присутен во нив. Трајно да ја чуваме во себе таа вистина. Почитувајќи го тоа таинство го почитуваме најголемото таинство на милосрдието. Зашто, какво поголемо добро можеше да направи Исус за нас? Љубов која љуби до крај, љубов која не познава граници“.

„Уште една мисла би сакал да споделам со вас. Во Енциклика на папа Фрањо Лаудато си (фален биди) во која зборува за материјалното зачувување на нашата планета, би рекле за екологијата. Во еден дел од таа Енциклика, сложувајќи се со Екуменскиот патријарх Вартоломеј I, тврди дека најголемо вселенско доживување кое ја издигнува вредноста на материјалниот свет до самото Божество е Евхаристијата. Имено, се работи, за материјален леб и вино што единствено тие стануваат вистинско материјално воскреснато Исусово тело и крв. Поголемо прочистување на материјалниот свет не е можен. Оттука не повикува барем ние христијаните да знаеме да го почитуваме и чуваме материјалниот свет кој ни е даруван да го чуваме и користиме, а не да го уништуваме. И на крајот сакам да ве потсетам на еден наш семеен – обичај, сетете се на тоа што нашите родители не учеа: ако од масата падне парче или трошка леб треба да се подигне, бакне и врати на масата. Каква ли мудрост имал нашиот вернички народ“.

Бискупот Стојанов исто така им го честиташе и празникот на заедницата на сестрите Евхаристинки, заблагодарувајки им се за нивното неуморно служење во Црквата.

Веднаш после светата причест следуваше процесија околу катедралата со Пресветата Причест, предводена од бискупот Стојанов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот