Во Скопје прославен патрониот празник Пресвето Срце Исусово

На 12 јуни 2015 година на празникот Пресвето Срце Исусово, заштитник на Скопската бискупија и парохијата во Скопје, ѓаковско-осиечкиот надбискуп монс. Ѓуро Храниќ го предводеше евхаристиското славење, во заедништво со скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов.

Покрај скопскиот парох дон Давор Топиќ и парохискиот викар дон Јошт Мезег на свеченоста сослужуваа и директорот на Македонски Каритас Антун Циримотиќ, генералниот викар на дубровничката бискупија монс. Петар Палиќ и уште шест други свештеници.

На самиот почеток следуваше процесија околу катедралата со икона на Пресветото Срце Исусово, а се пееја литугиски песни во чест на Божјото Срце. По доаѓањето во катедралата на почетокот од литургиското славење поздравни зборови упати бискупот Стојанов.

Во пригодната хомилија надбискупот Храниќ рече: „Исусовото отворено срце во сведоштвото на Иван покажува дека Бог не се откажа ниту од луѓето, ниту од своето милосрдие, ниту во најтешкиот момент во историјата помеѓу Бог и човекот, во моментот на потполното орфрлање на Божјиот повик. Во моментот кога човекот се затвора за тој однос, Бог се отвори и тоа до крајни граници. Исусовото Срце остана отворено и тогаш која тој беше потполно отфрлен. Тој и во смртта има отворено срце. И тоа не се затвора пред нашата човечка тврдокорност, туку останува отворено за секој и за сите нас низ целата човечка историја.

Хранејќи се со Исус на евхаристиската трпеза, Исус нѐ храни со својата љубов која не знае за интерес. Нѐ ослободува од себичноста и ги прави нашите срца човечки. Нѐ ослободува од омраза и желбите за освета кон оние кои не искористувале. Нѐ прави луѓе подготвени да го прифаќаме бремето на Исусовата добрина и љубов која бара, но и усреќува и човечкото срце го исполнува со мир и радост. Божјата љубов нѐ прави луѓе кои не се плашат од крстот, нѐ прави да бидеме подготвени како Исус да ги прифаќаме предизивиците и да умираме во себе, понизно дарувајќи се за другите. Нѐ прави сопрузи кои го сакаат својот брачен другар и во убавите и во тешките моменти, сопрузи кои не гледаат на себе, туку се верни на својот брачен другар и ја почитуваат светоста и достоинството на својот и на туѓиот брак, на своето и на туѓото тело, мајки и татковци кои не гледаат на сопствената комотност, туку великодушно прифаќаат деца, како и жртва и родителско дарување.

Зотоа го славиме Исусовото Срце, бидејќи тоа е видлив израз на Божјата љубов, симбол на Божјото обожествување на човекот, видлив знак на Божјото вреднување на човекот, неговото достоинство, на неговото тело, посветување на човекот и гаранција за похуман свет.“

По молитвата после причеста надбискупот Храниќ ги предводеше Литанијата, а бискупот Стојанов пред статуата на Пресветото Срце Исусово – каде блажена Мајката Тереза како дете молеше – ја молеше посветната молитва во чест на Пресветото Срце Исусово,.

При крајот од славењето бискупот Стојанов му заблагодари на надбискупот Храниќ за неговото доаѓање и за зборовите со кои ги охрабри во верата верниците од Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат и му подари икона на Блажена Девица Марија. А во име на верниците од Скопската бискупија во знак на благодарност семејството со седум деца Јосип и Барбара Вуковиќ од „Missio ad gentes“ во Куманово на надбискупот му подарија букет цвеќе.

Заедништвото помеѓу верниците, свештениците и бискупите продолжи со песна во дворот на катедралата предводени од парохиската музичка група „Агапе“.

На свеченото евхаристиско славење пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот