Во Скопје одржана Третата средба на свештениците и Богопосветените лица

Во сабота 5 септември 2015 година во Скопје се одржа Третата средба на свештениците и Богопосветените лица од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија во рамките на Годината на посветен живот.

На средбата во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов одржа предавање на тема: „Радосно служење на Бога посветените лица во монаштвото“. При тоа бискупот Стојанов нагласи две важни работи: радоста и служењето и запраша: „Дали овие два поима можат да се одвојат? Како би изгледало служењето без радост и каква би била содржината на радоста без служење? Гледате како тие два поими неразделно одат заедно. Тие се дар на Светиот Дух, особено за нас кои во Црквата вршиме служба, служење во радоста. Црквата денес е пред нови предизвици, а на толку многу луѓе, наши браќа и сестри, им е потребна нашата помош. Би можеле со часови да ја анализираме состојбата во нашето општество, која за нас е предизвик и нè повикува да земеме удел во радосно служење. Многумина работат со луѓето, но без радост, а работата ја носат како товар. Така работата ја убива радоста, а недостатокот на радост ја убива работата. И тоа е причината заради која нашето општество не напредува. Тапкаме во место заради материјалните придобивки. Копнееме за пари. Ја губиме духовната димензија и смислата за работа и така животот ни станува проклетство, а не радост. Кој, ако не ние, барем на тие што ги познаваме да им пријдеме, да помогнеме и да го осмислиме животот со радосно служење“ истакна на крајот од предвавњето.

Средбата на свештениците и Богопосветените лица од Скопска бискупија и Апостолскиот егзрахат во Македонија продолжи со света Миса во катедралната црква во Скопје, прославувајќи го празникот на блажена Мајка Тереза.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот