Канцеларијата за печат на Светиот Престол објави програма за две посети што Папата ќе ги оствари во септември: на 24 септември ќе го посети Асизи, по повод средба во рамките на иницијативата „Економијата на Фрањо“, а на 25 септември ќе го посети Матера, по повод завршувањето на Националниот евхаристиски конгрес.
Два последователни дена во два италијански града, помеѓу залагање за инклузивна економија и пауза за медитација пред Евхаристијата. Имено, на 24 и 25 септември папата Фрањо ќе ги посети Асизи и Матера на завршетокот на два настана: уште една средба во рамките на иницијативата „Економијата на Фрањо“, и Националниот евхаристиски конгрес.
Програма во Асизи
Во рамки на средбата иницирана од Светиот Отец, на која се собираат млади бизнисмени и претприемачи со цел нова визија за економијата, папата Фрањо на 24 септември ќе помине неколку часа во Асизи, каде што ќе пристигне околу 9.30 часот. Таму ќе го пречекаат тројца млади претставници на многубројните учесници на средбата, потоа кардиналот Мајкл Черни, префект на Дикастеријата за целосен човечки развој, надбискупот Доменико Сорентино, претставници на граѓанските власти и меѓу другите, економистот Луиџино Бруни и монахињата Алесандра. Смерили, кои се меѓу главните промотори на „Економијата на Фрањо“. Веднаш потоа Папата ќе се сретне со младите, а средбата ќе биде одбележана со уметнички театарски момент и презентирање на искуствата на неколку млади луѓе. Ќе заврши со говорот на Папата и со читање и потпишување на пактот меѓу папата Фрањо и младите. Околу пладнето Папата ќе се врати во Ватикан.
Програма во Матера
Ден потоа, 25 септември, Светиот Отец ќе отпатува во Матера, каде со хеликоптер ќе пристигне околу 8.30 часот. Во тој град ќе заврши 27. Национален евхаристиски конгрес. Папата ќе биде пречекан од кардиналот Матео Марија Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција и претставници на локалните, граѓанските и верските власти. Веднаш потоа во катедралата ќе се сретне со бегалци и прогонети. Папата ќе ги поздрави нив и сите присутни. Друг значаен настан на посетата ќе биде Евхаристиската прослава, која ќе ја предводи Светиот Отец, а ќе заврши со пладневно обраќање. На крајот, пред враќањето во Ватикан, планирано за 14.00 часот, папата Фрањо ќе ја посети Заедничката кујна на Братството, именувана по Дон Џовани Меле, која ќе ја благослови и отвори.
Ватикан њуз/к.мк