Во вторник, 8 ноември 2022 година во парохиската црква посветена на Светиот великомаченик Димитриј во Сарај Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх служеше Света архиерејска Литургија во сослужение на свештениците од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија.
По свеченото влегување во Црквата во присуство на верници од Сарај, Чанаклија, Гечерлија како и од останатите парохии, започна светата архиерејска Литургија на која пригодна проповед одржа Н.В.П монс. Киро Стојанов, Струмичко-скопски епарх.
Во својата пригодна проповед епископот Стојанов ја истакна својата радост што на овој празник ја има можноста со верниците од Сарај и околните села, заеднички да го слават Бога на оваа света Литургија, поттикнувајќи ги верниците да продолжат на патот по кој храбро чекорел самиот великомаченик Димитриј. Светлиот пример на овој маченик за верата да биде водител за верниците од оваа парохија посебно во изразувањето на заедништвото.
Понатаму истакнувајќи го сведоштвото и мачеништвото на светиот великомаченик Димитриј, се осврна на сведоштвата на пророците, на Господ Исус Христос, апостолите, христијаните, посебно нагласувајќи дека и денес има луѓе кои се маченици за верата Христова.
На крајот по благодарноста упатена од страна на парохот отец Ванчо Назов до Н.В.П. монс Киро Стојанов, како и до свештениците и верниците следуваше дружење во дворот на парохијата и парохиската сала.
Од светата Литургија Радио Марија вршеше директен пренос.
к.мк