Во понеделник, 8 ноември 2021 година во парохиската црква посветена на Светиот великомаченик Димитриј во Сарај Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх служеше Света архиерејска Литургија во сослужение на свештениците од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија.
По свеченото влегување во Црквата во присуство на верници од Сарај, Чанаклија, Гечерлија како и од останатите парохии, започна светата архиерејска Литургија на која пригодна проповед одржа Н.В.П монс. Киро Стојанов, Струмичко-скопски епарх.
Во својата пригодна проповед епископот Стојанов ја истакна својата радост што на овој празник ја има можноста со верниците од Сарај и околните села, заеднички да го слават Бога на оваа света Литургија, поттикнувајќи ги верници да продолжат на патот по кој храбро чекорел самиот великомаченик Димитриј. Светлиот пример на овој маченик за верата да биде водител за верниците од оваа парохија посебно во изразувањето на заедништвото. Светиот Димитриј да ни биде водител при синодалниот пат на кој што Црквата ги повикува сите верници, така и тие од Сарај.
На крајот по благодарноста упатена од страна на парохот отец Ванчо Назов до Н.В.П. монс Киро Стојанов, како и до свештениците и верниците следуваше дружење во парохиската сала.
к.мк