Во Радово погребан отец Ѓорги Ангелов

Во Радово погребан отец Ѓорги Ангелов

На 7 февруари 2021 година на гробиштата во Радово е погребан о. Георги Ангелов, свештеник на Струмичко – скопската епархија, кој почина на 6 февруари на 85 години од животот и скоро 62 години свештенство.

Опелото во парохиската црква „Свети пророк Илија“ во Радово го предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх во сослужение на свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија. Од отец Георги Ангелов се испратија и верниците од Радово и околината.

Во проповедта епископот Стојанов се осврна на животот на о. Георги Ангелов, како и на неговите служења на Црквата, кој како свештеник ги извршуваше во Богданци, Гевгелија, Стојаково и Струмица.

Изразувајќи сочувство до семејството епископот Стојанов рече: Сакам да изразам благодараност до Господа Бога за него, бидејќи тој беше дар за оваа наша Црква, како што е секое свештеничко и монашко звање на Црквата. На посебен начин беше дар во многу тешки времиња кога нашата Црква оскудеваше од свештеници и чесни сестри. Сакам да кажам до добриот Бог, фала за сите благодати што ги додели преку тебе како свештеник, преку Светата Евхаристија и останатите Свети Тајни; за сите тие благодати што Господ Бог преку твоето проповедување ги делеше и така ја уцврстуваше верата во народот, но и оние што на крајот од овоземскиот живот ги тешеше преку Светата Тајна Елеопомазание и ги подготвуваше да доспеат во вечноста.

Заблагодарувајќи за 62 години свештенство, дејствување и сведочење на о. Ѓорги епископот Стојанов напомена: Фала ти за сета твоја посветеност кон Христовата црква во помирни и потешки времиња. За твојата оданост и неуморност иако пензионер не отстапи од служењето во Црквата, а тоа најдобро се рефлектираше и преку Светата Тајна Исповед.

Зборувајќи за потребата од простување, како за време на земскиот живот, така и  при часот на смртта епископот Стојанов рече: „И нека биде ова мигот од овој наш брат свештеник да молиме за прошка и нему да му простиме за да ја прими Божјата милост. Воедно и да сфатиме, додека се опростуваме од еден живот што се гаси, човек не може од погребението да си отиде, а да не биде свесен на преодниот живот и неговата краткотрајност. Крајот на овој земски живот доаѓа многу брзо. Човек колку почесто мисли на смртта толку повеќе почесно живее. Секое погребение е поголема проповед од секој говор. Човек не може, а да не помисли дека еден ден и на мене ќе ми дојде крајот на заминување од овој свет. Нека Бог ни подели милост да бидеме подготвени да опростиме, подготвени да молиме за простување, подготвени да се здобиеме со Божјата милост, за да отидеме во вечната татковина прегрнати од Божјата љубов. Земската татковина е мила, но преодна и на неа не можеме да се задржиме. Во таа мила грутка земја остануваат земните останки што го чекаат воскресението на мртвите.“

Својата проповед монс. Стојанов ја заврши со зборовите: „Со верата во воскресението на мртвите ние всушност се простуваме од земните останки и за кратко ќе бидеме на гробиштата, ќе ставиме крст на гробот кој ќе сведочи дека Христос за нас умре и воскресна. Сите оние кои се Христови така ќе поминат. Дали тоа ќе биде на слава или на пропаст, ќе зависи од нашиот живот. Затоа со вера во воскресението на умрените, го палиме тоа светло, ставаме цвеќе, што говорат за вечната светлина и вечниот живот.“

По опелото погребната поворка се упати кон гробиштата во Радово, каде беше погребан о. Георги Ангелов.

к.мк

Почина о. Георги Ангелов

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот