Божиќна претстава во црквата свети Иван Крстител во Струмица
Во парохиската црква Свети Иван Крстител во Струмица на 7 јануари беше прикажана Божиќната претстава, во која учестуваа деца од парохиската веронаучна група. Програмата изобилуваше со стихотворби, песни и рецитали. При крајот од претставата децата ја прикажаа драмата со наслов „Божикот на Драгица и Славе“.
Брат и сестра, Драгица и Славе, за Бадник се осамени, без своите родители, бидејќи тоа „современо семејство“ за Божиќ заминува на скијање, а децата ги оставаат дома осамени. Драгица и Славе се обидуваат да пронајдат пријатели и друштво преку разни телевизиски ликови: Барбика, војник, фудбалери, милионер, пејач, возач, заболекарка, дедо мраз … ликови кои за време на драмата постојано излегуваа од телевизорот. Ниту еден лик немаше време за нив. А Драгица и Славе упорно си го замислуваат Божиќ без Исус. На крајот од драмата ангел им ја соопштува Радосната вест за раѓањето на Спасителот и им ги покажа на Драгица и Славе, но и на присутната публика Богородица, Јосиф и Исус, кои штотуку поминуваа низ нивното место.
На самиот крај од преставата децата беа изненадени, бидејќи за нив свети Никола донесе мали пакетчиња.
За подготовката на претставата се погрижија о. Гоце Костов и Горан Ристов.
го*ко