Во Лусака се одржува средба на Здружението на Бог посветени жени од Средна и Источна Африка

Служете му на Христос со сето свое срце – поттикнува папата Фрањо во кратката порака која ја потпиша државниот секретар кардинал Пиетро Паролин, упатена по повод 16.  собрание на Здружението на Бог посветени жени од Средна и Источна Африка (ACWECA). Собирот се одржува во Лусака, Замбија на тема: „Одете, не плашете се и служите“, а ќе трае до 30 август. На него учествуваат околу 150 поглаварки и генерални секретарки на националните здруженија на монахињите од Еритреја, Етиопија, Кенија, Малави, Судан, Танзанија, Уганда и Замбија.

Работата на собранието се концентрира најмногу кон евангелизацијата на тоа подрачје. Меѓу другите теми, ќе се разговара и за сузбивање на сиромаштвото, како и за трговијата со луѓе. Освен тоа ќе биде разгледано и споредено канонското и граѓанското право, транспарентноста и одговорноста на раководствата, како и управувањето со финансиите на монашките заедници.

Здружението на Бог псоветени жени од Средна и Источна Африка брои повеќе од 20.000 монахињи, а оваа година одбележува 40 години од своето формирање. Формирана е 1974 година со цел развивање и јакнење на формацијата и образованието на монахињите, делувајќи за мирот, праведност и самостојно издржување. Здружението исто така се зазаема и за усогласување на логистичката и административна подршка на националните здруженија и на други католички институции, во склад со нејзиното послание, поттикнато од зборовите на Исус Христос: „Ќе ми бидете сведоци“.

РВ/го*ко

Категорија: Свет

За авторот