Во катедралите во Македонија ќе бидат отворени Свети врати

Во просториите на ординаријатот во Скопје, во среда 18 ноември 2015 година се одржа Свештенички состанок, на кој присуствуваа свештеници од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија. Со состанокот претседаваше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија.

Состанокот започна со молитва, а потоа бискупот Стојанов направи краток осврт за изминатиот период и случувањата во Црквата, како и за престојните активности, а стави посебен акцент на Година на милосрдието.

Имено Светиот Отец на празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица, 8 декември во Ватикан ќе ги отвори Светите врати на базиликата Свети Петар. Во Македонија Н.В.П. монс д-р Киро Стојанов на 13 декември ќе ги отвори Светите врати на катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.

За време на состанокот дон Давор Топиќ во пресрет на Година на милосрдието одржа предавање врз основа на Папската була Misericordiae vultas (Милосрдно лице) со осврт на пасторалните препораки.

Во продложение на состанокот се разговараше за пасторалните потреби, како и за организирање поклоничка група на млади за Светскиот ден на млади во Краков 2016 година.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот