Молитвата е почеток на секое добро во човекот. Кој ја запознава молитвата, кој ја цени и сака, правилно и ревно се моли, тој поседува непроценливо богатство за сегашноста и вечноста. Што е молитвата?
- Наједноставното нешто во светот и во животот е молитвата; таа е едноставно од причина што е многу потребна.
- За молитва не треба да бидеш учен или говорник, не треба да бидеш богат. Без разлика дали човекот во срцето носи празнично или секојдневно расположение, тој може, а и мора да моли.
- За да можеме да се молиме потребно ни е само да го познаваме Бог и себе; потребно ни е да знаеме Кој е Бог, а што сме ние и колку е голема неговата татковска добрина, а колку голема е нашата потреба и беда. За молитвата се потребни само неколку мисли и што помалку толку подобро; потоа неколку желби и најпосле неколку зборови. Мораме барем да говориме во срцето инаку нема молитва.
- Да молиме значи да разговараме со Бог, да се задржиме со Него за да Му се поклонуваме, да Го фалиме, да Му благодариме, за нешто да Го молиме и да Му дадеме надомест. Некои духовни учители велат дека молитвата е како предавање или како време на аудиенција кај драгиот Бог. Да се однесуваме кон молитвата како кон доверлив разговор со добар и пријатен човек. Ние на наједноставен начин му кажуваме сѐ што ни лежи на срце, тагите и радостите, надежта, а примаме од него поука и опомена, помош и утеха. И кога се молиме на Бог колку поедноставно толку подобро, токму онака како што ни е на срцето.
- Често самите ја расипуваме молитвата и ја правиме тешка затоа што не знаеме да се совладуваме и затоа што немаме вистинско сфаќање за молитвата. Да Му кажеме на Бог што ни е и како ни е во срцето и молитвата е добра. Кога понекогаш ни изгледа дека нашата молитва е премногу едноставна тогаш исправно молиме. Па, што можеме ние да изнесеме пред драгиот Бог, а да е големо и духовно? Ако ништо не знаеме и ако ништо не ни паѓа на памет и тоа да Му го кажеме на Бог. Тоа е веќе молитва.
Битно.нет/кмк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк