На 3 ноември 2016 година во Битола започна Четвртата по ред светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во склоп на Глобалната агенда на Обединетите нации и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и Декадата на УНЕСКО за помирување на културите. Темa на конференцијата е „Миграцијата и предизвикот на интеграцијата преку дијалог помеѓу религиите и културите“.
На конференцијата учествуваат над 150 претставници од светските религии, невладини организации и професори. Делегацијата на Католичката црква од Македонија ја предводи монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, во придружба на о. Гоце Костов, о. Оливер Тантушев и дипл. теолог Спасе Спасов.
На конференцијата свое обраќање имаше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов кој меѓу другото рече:
„Се радувам што годинава се одржуваа оваа Светска конференција која во себе интегрира и меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Во дијалогот препознаваме единствен правилен начин со кој во различноста би се нашле на истиот пат, токму по барањето на одговори на кои нѐ повикуваат предизвиците на времето и на кои, како луѓе со одговорност треба да дадеме одговор, онака како што од нас со право очекуваат нашите народи.
Конференцијата ја отвори директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, а до пристуните се обратија и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, г. Петар, суперинтендентот на Евангелско- методистичката црква за Македонија, Вилфред Науснер и претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо Николиќ.
Во рамките на конференцијата ќе се одржат и панел диксусии и тоа: „Семејството – извор и простор за градење и чување на достоинството на човекот и место за раст во верата“ и „Употребата и злоупотребата на современите начини за електронска комуникација и на социјалните мрежи.
Конференцијата ќе заврши со усвојување Нацрт – декларација.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк