Нападот врз Украина започна. Војната во Европа во 21 век изгледаше невозможна. Ризиците од ескалација се незамисливи. Папата Фрањо нѐ повикува да се спротивставиме на моќта на оружјето со „слабоста“ на молитвата.
Некои не можеа да поверуваат. Војна во Европа во третиот милениум! Изгледаше неверојатно, речиси невозможно. Сега веќе има многу мртви. Има стравувања од крвопролевање. Вообичаено невини, беспомошни жртви, кои не сакаа ништо повеќе освен да живеат во мир со другите, со сите, дури и со оние кои имаат друго знаме. На моќниците не им е гајле за слабите кои пропаѓаат. Има многу цинични Ироди; колежот на невините не престана. По страдањата предизвикани од пандемијата, сега ја гледаме тагата на конфликтот и кој знае до каде ќе дегенерира?
Некои евоцираат ризици од Третата светска војна. Сè уште веруваме дека ова е невозможно. Сè уште мислиме дека човештвото нема да биде толку глупаво за уште еднаш да се впушти во тоа. Бидејќи војната е лудост, таа е ирационална. Демонска е. Ѓаволот сака да го уништи животот, сака да го уништи светот. Денес, тој има доволно смртоносно оружје за да ја постигне својата цел. Не смееме да го земаме светскиот мир здраво за готово.
Папата Фрањо, исполнет со вознемиреност и загриженост, повика на молитва и пост за мир, повика на „слабоста“ на молитвата да се спротивстави на моќта на оружјето. Кој би поверувал во тоа? Кој би се спротивставил со кротката аскеза против моќта на топовите? Молитвата нè соединува со Отецот и нè прави браќа; постот ни одзема нешто за да го споделиме со другите – дури и другиот да ни е непријател.
Молитвата е вистинска револуција која го менува светот затоа што ги менува срцата. Имаме малку средства против војната, без да сносиме директна одговорност, ѓаволот ги поттикнува на омраза, лукавство, зло. Овој демонски род вели Исус не се истерува со ништо друго, „освен со молитва и пост“.
Серхио Центофанти/Ватикан њуз/к.мк