Идејата самоубијци – атентатори нема ништо со христијанското мачеништво – нагласи папата Фрањо во катехезата на 28 јуни 2017 година за време на Генералната аудиенција. Размислувајќи за „христијанската надеж како сила за мачениците“, Папата потсети на зборовите од свети Павле: „Да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи.“ Светиот Отец истакна дека поради тоа „самоубијците атентатори не може да се нарекуваат ‘маченици’ бидејќи нивната смрт не може да се спореди со ставот на децата Божји“.
Христијаните љубат, но не секогаш се љубени
Кога Исус ги испраќа своите ученици, не им нуди илузии за лесен успех – напротив, јасно им дава до знаење дека „навестувањето на Царството Божјо секогаш вклучува и противења“ и ги предупредува дека луѓето ќе ги мразат поради неговото име. „Христијаните љубат, но не секогаш се љубени“ – рече папата Фрањо.
Во светот ранет од грев, нормално е христијаните да одат „против струјата’ не поради тоа што се со полемички дух, туку поради „верноста на логиката за Царството Божјо“, а тоа е логиката на надеж. Тоа конкретно значи живот според Исусовите упатства, меѓу кои прво е сиромаштвото – рече Папата, објаснувајќи: Кога Исус ги праќа своите ученици изгледа дека повеќе прави да ги „расоблече“ отколку да ги „облече“.
Сиромаштво, не зло за зло
Христијаниниот кој не е понизен и сиромашен, (…) не наликува на Христос“ – истакна Папата. Вистински пораз за христијанинот е да „падне во искушение на освета или насилство, враќајќи зло за зло“. Треба да се биде разборит, понекогаш дури и лукав, но никогаш насилен. За да го поразиме злото не можеме да користиме средства за зло“ – рече папата Фрањо.
„Единствената сила на христијаните е евангелието“, а прогонствата не противречат на евангелието, туку се негов дел. „Ако го прогонуваа нашиот Господ, како можеме да се надеваме дека ние од тоа ќе бидеме поштедени? – запраша Светиот Отец, додавајќи дека во неволјите наоѓаме утеха во спознанието дека ниту едно човечко страдање не е сокриено од Божјите очи. Според зборовите на Папата Бог е „посилен од злото, посилен од мафијата, од мрачните намери, од оние кои заработуваат врз кожата на очајниците, кои другите насилнички ги злоупотребуваат.“
Воодушевени од силата на мачениците
Верноста на „Исусовиот стил, е стилот на надеж“, а се нарекува мачеништво, што изворно значи „сведоштво“. Мачениците не живеат за себе, не се борат за сопствените идеи и прифаќаат смрт единствено поради верноста кон Евангелието. Меѓутоа мачеништвото не е најголем идеал на христијанскиот живот, бидејќи над него стои љубовта кон Бог и кон ближниот – објасни папата Фрањо.
Читајќи ги известувањата за бројните маченици во минатото и сегашноста – а денес ги има многу повеќе отколку во првите времиња – остануваме воодушевени за силата со која се соочиле во неволјите. Таа сила е знак за голема надеж која ги анимирала; постојана надеж дека ништо и никој не може да ги одвои од љубовта Божја во Исус Христос – рече на крајот Папата, додавајќи: Бог секогаш нека ни дарува сила да бидеме негови сведоци. Нека ни даде христијанска надеж да живееме пред сѐ во сокриено мачеништво, исполнувајќи ги со љубов секојдневите обврски
РВ/к.мк