Во екот на прогонствата од цивилните структури во Никарагва, тамошниот режим ги укина извидниците и забрани стотици процесии на Крстниот пат
Според извештаите на различни медиуми, режимот го укина правниот статус на Националната асоцијација на извидници и на некои други невладини организации. Режимскиот весник „Ла Гацета“ за време на викендот објави дека извидничкото здружение не го доставило навреме финансискиот извештај. На сличен начин беа забранети верската заедница „Fraternidad Misioneras del Fiat de Maria“, како и три христијански заедници и Ротари клубот, а затворен е и еден универзитет. Надлежните ги конфискувале нивните имотот.
Националниот извиднички комитет, во согласност со наредбата на властите, минатиот викенд ги откажа сите активности, „со или без униформи, со цел да ги заштитат нивните млади членови“, информира порталот „confidential.digital“.
Здружението на извидници тврди дека претходно ги направиле сите можни напори да го спречи потегот на владата, но безуспешно. Никарагванските извидници сега, во соработка со светското извидничко раководство во Швајцарија, бараат алтернативни форми на делување, со цел „да продолжат да ја извршуваат мисијата на извидничкото движење во Никарагва во согласност со законските одредби“.
Слично на извидниците, кои имаат 107-годишна традиција во Никарагва, владата на претседателот Даниел Ортега и потпретседателот Росарио Муриљо укина вкупно 3.230 здруженија од крајот на 2018 година, најчесто под обвинувања за „перење пари“.
Црковните активности во Никарагва се крајно ограничени и надгледувани од агенти. Активистката за човекови права Марта Патриша Молина, која живее во егзил, објави на платформата X дека повеќе од 400 процесии на Крстниот пат во Никарагва се откажани минатиот петок. Само во некои бискупии властите дале дозвола за Крстен пат и тоа во ограничена форма. Молина изјави дека „злосторничката диктатура“ не се откажува од омразата кон Католичката црква ниту за време на постот.
Десетици свештеници, меѓу кои и бискупите Роландо Алварез и Исидро Мора, беа протерани од земјата во последните месеци. Помошниот бискуп од Манагва Силвио Баез, кој беше принуден да побегне на Флорида пред пет години, рече: „Постот е повеќе од нејадење. Тоа значи дека животот под некаков јарем да не стане навика. Тоа значи критикување на неправдата и борба против угнетувањето“.
Ватикан њуз/к.мк