Владиката Стојанов служеше Божиќна Литургија во Струмица

Неговото Високопреосвштенство монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија на 7 јануари 2015 година ја предводеше полноќната божиќна Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. По завршувањето на Повечерието, а пред почетокот на Литургијата во процесија владиката Стојанов го положи Богомладенецот Исус во јаслите од пештерата, како видлив симбол за Рождеството Христово.

Во својата проповед епископот Стојанов истакна: „Зарем не гледате во каква темнина се наоѓа современото човештво, бидејќи исклучиво се потпира на својата моќ на знаење, наука, пари, оружје, политика итн. И покрај големата развиеност на техничката култура никогаш не беше поголема темнината во душите на луѓето како што е во наше време. Премногу сме оптоварени со инфорамции и лажни ветувања до таква мера што се губиме во мракот. (…) Браќа и сестри, овој Божик во годината на големата доверба нѐ води по патот на Мудреците од Исток. Пораката е: Бог сака спасение на сите луѓе, бидејќи е Татко, а не само Создател. Тој факт за нас е задолжителен, бидејќи ако Бог е Татко на сите луѓе, тогаш сме ние сите браќа и сестри, а ако сака спасение на сите луѓе, а Исус е единствениот Спасител тогаш сака да ни каже дека ние сме ѕвезда, која ги води Богобарателите на средба со Спасителот. Прашање е: колку сме за тоа свесни и колку сме способни да бидеме ѕвезда водителка? Да застанеме и да си го поставиме прашањето: кој по мене дојде до Бога?“

Божествената Литургија беше збогатена со пеењето на Катедралниот хор од Струмица под раководство на сестра Тереза Стојкова.

к.мк/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот