Ви навестувам голема радост – денес ви се роди Спасител (Лк 2,10-11)
Божиќна честитка до свештенството, монаштвото и до верниците на Католичката црква во Република Македонија.
Драги браќа и сестри – Божик е. Срцето ни е распеано, бидејќи слушаме порака: „Не плашете се!“ „Еве, ви навестувам блага вест, голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Ова ќе ви биде знак; ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли“ (Лк 2,10-12). Тој знак без сомнение е: сиромаштво и понизност до јаслите. Зошто? Исус на едно место вели: поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце (Мт 11,28). Овие две придавки: кроток и смирен се два бисери кои ни ги нуди Божик. Бог ни доаѓа како дете во кроткоста и смиреноста. Во една друга прилика Исус рекол: „лисиците имаат легла и птиците небески гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да потслони“ (Лк 9,58). Додека стоиме пред јаслите да се загледаме со очите на скромните Пастири во тоа мало Дете и да се обидеме да почувствуваме како Марија ни го нуди да го примиме во своите прегратки. Како би се чувствувале? Дали би можеле да искажеме што би се случувало во нашето срце. Браќа и сестри, тоа не треба да си го замислиме тоа треба да го направиме. Сигурно во својата близина имате некого кој е толку потребен од ваше внимание, ваша помош, ваша нежност. Прегрнете денес таква личност и кажете и храбро: ти си мој мал Исус. Блажена Мајка Тереза помина по светот давајќи го токму тој Божествен знак на љубовта кон потребните со сета своја нежност и вистина. Св. мала Тереза вели вака: „О, Јосифе, о, Маријо, ве гледам вас во Витлеем од сите отфрлени, нема никој кој во својата гостилница би сакал да угости двајца сиромашни странци… место има само за големците, и Царицата на небото мораше да го роди Бога во некоја колиба. Мајко на Спасителот колку си драга! И како те гледам голема во сиромашна колиба! Како го гледам вечниот повиен во пелени, и кога слушам тивок плач на Божественото Слово… Маријо, веруваш ли дека завидувам на Ангелите? Господ на кои тие се поклонуваат е мој сакан брат. Како те благословувам, Тебе која си на оваа крајбрежје направила да расцвета таков Божествен цвет. И како те љубам додека ги слушаш Пастирите и царските Мудреци и сето тоа го чуваш во своето срце“.
Честитајќи ви го Божик од Бога за сите вас молам само едно: примете го и оваа година нашиот Господ кој се објави на малите со онаа љубов со која го примила Марија. Таа и денес ни го нуди но Тој не е само чудесно Божјо Чедо, туку твој брат и твоја сестра покрај тебе. Во Годината на Милосрдието дали можете да си го замислите празнувањето Божик без тоа расположение: нашите срца да бидат милосрдно отворени за потребите и на таков начин би го поздравиле Божик. Од друга страна можеме ли да го примиме Исус ако во нашето срце постои неправда, завист, љубомора, алчност, а пред сè, немир кон ближниот? Може ли некој да го слави Божик кој во срцето носи лутина – не дај Боже омраза? Витлеемското Дете со чист поглед на Дете гледа во нашите срца и ни порачува: проштевајте и ќе ви се прости, љубете и ќе бидете љубени. Не дојде да суди туку да го спаси светот.
Браќа и сестри, Божик во вонредната Јубилејна Света година на Милосрдието треба да биде настан, а не спомен. Со проштевањето и помирувањето да направиме Божик да ни биде благословен. Да не останеме глуви a да не го слушнеме ангелскиот глас: Мир на луѓето со добра волја! Со благослов и молитва, тој мир и таа чиста добра волја ви го посакувам на сите Вас. Христос се роди.
Ваш владика
+ Киро Стојанов