Божиќна честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија (ВИДЕО)

Божиќна  честитка на д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх, по повод големиот христијански празник Рождество Христово!

Слава на Бога во висините а на земјата мир меѓу луѓето, миленици Божји!

 Драги браќа и сестри – и овој Божик не собра во заедништво, и семејно и општествено, за поубаво и содржајно да ја прославиме радоста на оној настан кој се случи во Витлеем и ја раздели нашата историја на стара и нова ера. Навистина, со раѓањето на Исус Христос започна нова ера на човештвото во која Бог стана човек за човекот да биде повикан на достоинство, синови и ќерки Божји. Ова време на релативизам кога се чини дека сите вредности се наоѓаат во некаква магла, па дури и самиот наш живот е завиткан во магла, понекогаш и темнина, јасно се слуша молбата на нашите современици, молбата за спасение. Бидејќи, многу вредности на кои почива нашата цивилизација се разнишани и се доведува во прашање и самиот опстанок на оваа и таква цивилизација. Решение се нуди од разни фактори и на разни начини. Сè повеќе чувствуваме, дека секое ветување е без содржајно и остануваме уште повеќе во магла и настапува еден индивидуализам, затворање во себе и отуѓување од другите.

Божик ни ја разбива темната слика на реалноста која не опкружува и ни дава јасен одговор и повик на надеж за се она што е подобро и исправно. Најнапред човек со божикниот настан е повикан да го прифати Божјиот предизвик и повик: Човече ти си Божји миленик! Сè може да закаже, сè може да заведе, сè може да биде измамено но Бог не може ниту да мами ниту да биде измамен. Бог е вистина. Во таа вистина Тој порачува: вие сте мои миленици. Денес се радуваме на таа вистина дека Тој неизмерно не сака и не следи, дека е Бог со нас – Емануел. Тој ветува мир на луѓето кои се со добра волја. Мирот ниту е надмоќ ниту мирување на оружјето. Мирот започнува во срцето на човекот. Мирот е плод на чиста совест во однос на Бога и човекот. Нека е Слава на Бога во висините а на земјата мир  меѓу луѓето. Кој е повикан тоа да го исполни? Повикан е секој човек со добра волја и повикан е пред сè секој христијанин кој препознава во Христос и неговото раѓање исполнување на Божјото ветување дека Христос е нашиот мир.

Браќа и сестри, го честитам Божик на сите луѓе со добра волја, а пред сè на верниците на нашата Црква: бидете радосни исполнети со љубов кон Бога и кон себе и бидете носители на надежта и сведоци на вистината дека сме повикани да бидеме, браќа и сестри, миленици Божји. Нека е, Слава на Бога во висините, а меѓу нас на земјата мир, бидејќи сме миленици Негови. Христос се роди!

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот