На 14 април 2022 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, во сослужение на свештеници од Скопската бискупија и од Струмичко – скопската епархија, ја предводеше свечената света Литургија со посвета на миро, а воедно беше прославен и Денот на свештениците, кога Господ Исус Христос, покрај светата Тајна Евхаристија, ја востанови и светата Тајна Свештеничко ракополагање.
Во својата хомилија, епископот Стојанов подвлече дека „свештенството по природа е придржано на Исусовата личност како единствен и вечен Првосвештеник. Тој по своја сопствена волја го пренесе тоа таинство на своите ученици говорејќи: не ве нарекувам слуги, туку пријатели, зашто ви дадов сè што слушнав од Мојот Отец. Така ја дефинираше свештеничката служба на Новиот завет и со право може да се каже дека секој свештеник живее и дејствува in Persona Christi – во Христовата личност. Свети Иван Марија Вијанеј вели: Кога би го осознале своето достоинство би умреле од радост. Бидејќи свештеникот на олтарот е жив Христос“.
Обраќајќи се до верниците бискупот Стојанов рече: „Драги верници, ве молам молете се и за нас за нашиот избор и послание да можеме да го вршиме уште поверно, подостојно, откривајќи го ликот на Исус Добриот Пастир. Да се молиме за нови духовни звања“.
к.мк