Од маслиновата градина Исус нѐ посматра. Ги посматра душите и срцата во светлото на божествената мудрост. Пред неговите очи се нижат сликите на сите човечки гревови, грeвовите на неговите браќа. Тој јасно го гледа срамното противење на многумина кои ја презираат великодушната жртва која за нив ја претрпел. Тој чувствува огромна осаменост и болка во душата поради големата недостаток на чувство за Божјата љубов.
Три пати побарал друштво од тројца ученици кои ги однел да му се придружат во молитвата. Бдејте со мене, ги молел, бидете со мене, не оставајте ме сам. „Повторно дошол и ги нашол позаспани. Очите им се склопувале и не знаеле што да му одговорат.“ Во овие моменти на неутеха можеби било потребно друштво, малку човечка топлина. Но пријателите го напуштиле Пријателот. Тоа било ноќта во која требало да останат будни и да се молат; но тие спиеле. Сѐ уште не љубеле доволно, дозволиле да ги победи слабоста и тагата, го оставиле Исус сам. Не му дале поддршка на Господ; заради тоа Тој нив ги избрал, но тие го изневериле.
Треба секогаш да се молиме, но постојат моменти кога е потребна интензивна молитва. Да се напушти молитвата е исто како да сме го напуштиле Христос, и така би паднале во рацете на непријателот. „Зошто спиете?“ ги прашал Исус учениците – но нѐ прашува исто така и нас: „Станете! И молете се да не паднете во искушение!“ Затоа да му одговориме на Исус: „Ако видиш дека сум заспал, ако откриеш дека се плашам од болката, ако забележиш дека сум се скаменил кога го видов твојот крст во близина, не оставај ме! Кажи ми, како што си им рекол на Петар, Јаков и Иван дека потребно ти е моето внимание, мојата љубов. Кажи ми дека, доколку сакам да те следам, доколку не сакам да паднам во рацете на оние кои ја посакуваат твојата смрт, морам да ја совладам заспаноста, страста и желбата за удобност.“
Нашето секојдневно размислување, доколку се сведува на вистинска молитва, ќе нѐ подготви да се соочиме со непријателот кој секогаш е буден. Ќе не зајакне и ќе нѐ направи способни да ги издржиме и да ги победиме искушенијата и потешкотиите. Ако не водиме грижа за тоа, ќе се најдеме во рацете на непријателите. Ќе ја изгубиме радоста и нема да имаме моќ да го следиме Исус.
Исус и денес го посакува нашето друштво; а колку е тешко да го следиме без молитва! Тоа го знаеме од искуство. Доколку се зајакнеме преку секојдневното дружење со Него, ќе можеме да му кажеме со целосна сигурност: „Ако треба и да умрам со тебе, нема да се откажам од Тебе.“ Петар не можел да го исполни ветувањето кое го дал онаа ноќ бидејќи не го послушал Господа и не бил истраен во молитвата. Откако се покајал, му бил верен на својот Учител, а неколку години подоцна и својот живот го дал за Него.
Битно нет/З.А.