(Видео) Велигденска честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов до верниците и луѓето со добра волја
Со надеж во Воскресението
Драги браќа и сестри, драги верници, луѓе со добра волја.
Денес во сиот христијански свет, на Исток и на Запад, одекнува радоста на Христовото воскресение како темелен празник и најголем настан, не само во историјата на човештвото, туку и во историјата на универзумот.
Празнуваме ден во кој се сеќаваме на Христовото Воскресение, настан што не допира ниту една од експерименталните науки, а фактот на побожествување на материјата тука на земјата ја надминува нашата способност за поимање. Ние кои веруваме во Христос, веруваме дека Второто Божјо лице влегло во нашата историја и 33 години живеело наш човечки век, правејќи добро на земјата, преземајќи ја врз себе сета грешност на човештвото и почитувајќи ја волјата на Небесниот Отец самиот себе се поднел како помирувачка жртва помеѓу Бог и човекот. Неговата смрт на крстот е врвен чин на човечката злоба, но, прифаќајќи ја, Тој ја направи најголем знак на љубовта, бидејќи не постои поголема љубов од онаа кога некој својот живот го дава за своите пријатели. Со својата смрт ја уништи смртта, со смртта на смртта и зададе смртен удар.
Воскресението е историски настан, но и настан што се издигнува над обичната историја, бидејќи познатите закони на физиката не познаваат тело, односно материја во која е Христовото воскресно тело. Со тој исчекор вон историјата, Христос и материјата од која ние сме создадени ја направи дел од божествената природа. Верниците од Исток и од Запад празнуваат единствен настан – го празнуваат почетокот на новата историја на човештвото. Но, самото празнување како такво не би имало смисла доколку се остане само на споменување, ако тоа ништо ново не побуди и не донесе во нашите животи. Христијанството, не е само колективна вера, туку во исто време е и индивидуален чин на секој поединец што гради однос со Бога.
Празнувајќи го Христовото Воскресение – Велигден, ние во себе го празнуваме новиот човек кој е зачнат со крштевањето и кој ги живее таинствата на Црквата, а пред сè Евхаристијата. Бидејќи Велигден е ден на обнова така секој христијанин застанува пред својата совест и одговара пред Бога и пред заедницата за тоа што му носи годишниот спомен на Христовото воскресение.
Обраќајќи ви се вам, драги верници, се обраќам и до сите луѓе со добра волја, и посакувам од Бога нова светлина со која ќе биде осветлено нашето секојдневие.
Живеејќи го автентично христијанството да бидеме утеха и надеж во ова наше време со бројни драматични настани и со својата непоколеблива вера и нејзината единствена пракса, а тоа е љубовта кон Бога и ближниот, да бидеме сведоци дека Христос со своето воскресение и денес нè охрабрува, нè обновува, нè чисти и нè поставува да бидеме макар и само мала светлина во мракот на време во кое сме. Сведоци сме на настани што нè исполнуваат со вознемиреност и ни предизвикуваат страв, но ние имаме надеж втемелена врз фактот на воскресението – ние како обновени, нови луѓе со својата вера и молитвите сакаме да придонесеме во тоа што ние не можеме да го решиме, да го решава Бог.
Посакувам на сите срцата да ви бидат допрени со таа светлина, а во очите да го имате оној сјај што јасно порачува дека Христос воскресна, и дека Христос живее сега и тука, а ние тоа го сведочиме.
Нека е благословено Христовото воскресение – Христос воскресе!