Велигденска честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов (Видео)
Воскресенатиот Христос е жив и присутен
Драги браќа и сестри!
Велигден е најголемиот празник на христијанството. Според својата содржина Велигден е и најголем празник на верата. Она што е важна порака во христијанството е фактот дека христијанството се темели врз верата во тоа дека Исус Христос е жив, воскреснат и присутен. Доколку воскресението не е настан, христијанството не би имало свој темел. Апостол Павле спомнува дека тогаш христијаните би биле најбедни и изложени на сожалување. Зошто? Исус Христос како Бог кој стана човек, ја зеде врз себе нашата преодна и грешна природа. Иако грев немаше, сепак, целиот свој живот се солидаризира со малите, напуштените и грешните. Самиот рече: на здравите не им треба лекар, туку на болните. Дојдов за тие да имаат живот и тоа во изобилие. Со својот начин на живот, а особено со своето страдание, ја зеде врз себе нашата грешност и со љубовта кон човекот ја исчисти нашата совест. Сите ние знаеме колку не оптоварува грижата на нашата грешна совест. Дојде за да ја залечи таа ранета совест. Бог не е создател на смртта, туку во Него сè живее. Исусовото Воскресение е темелна порака дека човекот и покрај искуството за временската смрт, сепак, вечно живее. Воскресението е најава на еден нов начин на живот кој следи по завршувањето на оваа наша временска историја. Со вакви мисли јасно е дека централно празнување на Христовата победа е она над гревот и смртта. Верата не повикува дека – славејќи го Велигден – се обновуваме во таа вера и во својот живот се обраќаме кон тие реалности кои повеќе не се ветувања, туку настани кои се случиле, но кои и сега се случуваат, бидејќи со верата не се напоменува само минатото, туку се доживува средба со денешнината.
Христијаните, но и секој човек со добра волја, доколку на Христос му ја доверат својата грешност и минливост, ќе ја имаат моќта за преобразба во подобар и совршен живот. Верата во човекот кој живее и после смртта е сила во вистинска смисла и во овој краток преоден живот.
Нека на сите ни биде благословена средбата со Воскреснатиот Господ – Христос Воскресе!
к.мк