Велигденска честитка до бискупот Стојанов од Богoпосветените лица

На Велика сабота 26 март 2016 година свештениците, монахињите и богословите кои делуваат во Скопје се собраа во бискупската резиденција и на Скопскиот бискуп и Аапостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов му го честитаа празникот Христово воскресение.

Во пријатна атмосфера средбата започна со воскресната песна „Господ славно воскресна“, а потоа скопскиот парох дон Топиќ рече: „Оче бискупе Киро, во пресрет на разникот Христово воскресение тука присутните на Бога посветени лица кои делуваат во градот Скопје се собравме околу вас со силата на заедништвото да го изразиме своето почитување и љубов кон Вас, а во име на сите нас годинешната воскресна честитка ќе ви ја упати Долорес Полето од заедницата на Фоколарите – Марииното дело.“

Во својата честитка Долорес рече: „Оче бискупе, не можеме, а веднаш да не се присетиме на возбудливите моменти кои ги дожвеавме токму тука пред неколку дена за време на благословот и отворањето на оваа резиденција со државниот секретар на Светиот Престол почитуваниот кардинал Пиетро Паролин. Се осмелуваме да кажеме дека настаните од тие денови беа предходница на воскресниот восхит и радост, а предизвикани од високиот гостин кој беше меѓу нас. Нѐ воодушеви и неговата едноставност, срдечност и навистина ја доживеавме нежната близина и личната љубов на првосвештеникот папата Фрањо и на целата Црква. Свесни сме дека зад тој настан е вграден ваш голем посветен труд и љубов, заради тоа благодарност од срце! И потајно се надеваме на некоја скорешна посета на Папата.

Сѐ уште оддекнуваат неговите зборови кои тој во катедралата ги искажа пред нас посветените лица; повикот да не ја заборавиме првата љубов; да бидеме мажи и жени на средба; нашите заедници да бидат одраз на животот. Силни и обврзувачки се зборовите, кои чувствуваме дека се повик и обврска на секого поединечно, на секоја наша заедница, на секоја наша заедничка иницијатива и активност, повик, а воедно и цел и средство.

Се радуваме и на скорешната сега потврдена, канонизација на блажена Мајка Тереза, наша сограѓанка која со својата љубов го задолжи светот, а на нас во наследство ни остави пример на верност и доследност и своите сестри тука меѓу нас во служба на оние на кои им се најпотребни. И не можеме, а да не се присетиме и на тажните вести и слики со кои во оваа Света седмица е преплавен светот, од мигрантската криза, од суровото убиство на сестрите на Мајка Тереза во Јемен, до нападот во Белгија, настани од кој човек се заледува и се чувствува немоќен пред толкавото зло, и ни се чини дека ги гледаме отворените рани на човештвото…

Нема ништо убаво, човечко, привлечно во сите тие настани, но сигурни сме дека токму преку Таинството на Страстната седнмица ако успееме да го препознаеме и сретнеме распнатиот Исус во сето она што претставува крик на отсутност на Божјата близина, токму тука се отвора просторот на новата средба со Бог. Се соединуваме со Вас и со целата Црква во молитвата мирот да стане погласен од секој друг глас и во настојување Воскреснатиот да живее во секој од нас и по нашата взаемна љубов меѓу нас, и да минува низ улиците на нашиот град и нашата татковина.

Нека на Вас и на сите нас овој Велигден во годината на Божјото милосрдие ни подари очи со кои низ смртта ќе го видиме животот, низ гревот простувањето, низ поделеноста единството, низ раните славата, низ човекот Бог, низ Бог човекот и со сето тоа посакуваме на сите воскресна сила! Од срце, среќен Велигден!

По упатените честитки, бискупот Стојанов им заблагодари на присутните велејќи дека со доаѓањето на државниот секретар на Светиот Престол кардиналот Паролин се манифестираше единството и заедништвото на оваа мала, но жива црква. Бискупот исто така потсети и дека во мај во Бискупијата и во Апостолскиот егзарахат ќе биде донесена статуата на Богородица од Назарет, истакнувајќи ја радоста заради канонизацијата на блажена Мајка Тереза, нагласувајќи дека заедно со државните структури ќе се вклучиме заедно во овој голем настан за Црквата и татковината. На крајот на сите им посака среќен и благословен Велигден.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот