Велигденска честитка до бискупот Стојанов од Богопосветените лица

Велигденска честитка до бискупот Стојанов од Богопосветените лица

Во пресрет на празникот Воскресение Христово, 19 април 2025 година во просториите на бискупската резиденција на Водно, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов ги прими богопосветените лица кои делуваат во Скопје.

Во име на сите лица посветени на Бога честитка до бискупот Стојанов упати сестра Сајрена од Сестрите Мисионерки на љубовта, познати како сестри на Мајка Тереза.

Во своето обраќање бискупот Стојанов истакна дека се наоѓаме пред најголемата тајна на нашата вера: Христовото воскресение истакнувајќи дека тој настан го промени човештвото. Во контекст на Јубилејната година, која се прославува под слоганот „ходочесници на надежта“, монсињор Стојанов прашања: Каде е нашата надеж?, потсетувајќи на информациите од медиумите кои известуваат за војни, омраза, неправди и додаде: Ни претстои опасност да се навикнеме на злото, да се предадеме на резигнација.

Тој истакна дека надежта се буди кога ги гледаме Исусовите ученици преобразени со Неговото воскресение. Бискупот Стојанов рече дека не треба да чекаме знак надвор од нас, бидејќи го наоѓаме во себе, цитирајќи од Евангелието според Иван каде што Исус зборува на своите ученици да се љубат еден со друг и за да остане радоста Негова во нив и да биде полна. Радоста е она за што сведочи воскресението и дека денес Исус нема што друго да ни каже освен: Љубете се еден со друг како што јас ве возљубив вас. Само така ќе се исполниме со Неговата радост и само на тој начин ќе бидеме сведоци на воскресението!

Своето обраќање епископот Стојанов го заврши изразувајќи благодарност до сите за сиот нивен труд и напор за доброто на Црквата, за нивната духовна и молитвена поддршка за духовното заедништво. Препорачувајќи се во молитвите на лицата посветени на Бога, бискупот Стојанов им посака благословен празник Воскресение Христово – Велигден. Христос воскресе! Алилуја!

Потоа следуваше заедништво и заедничка фотографија.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот