Велигденска порака на Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх
Празниот гроб не е доказ за Христовото воскресение, туку живиот и славен Христос
Драги браќа и сестри!
Помина една година откако на светско ниво се справуваме со опасната пандемија COVID-19. Да се присетиме како беше минатата година за време на постот и Страсната седмица, кога слушавме пораки од експерти и владини претставници дека треба некое време да издржиме за да се смири епидемијата и додека не се најде соодветна вакцина да ни помогне во ова борба. Се започна со воведување мерки кои сите со разбирање ги прифативме, дури и по цена што требаше да ја платиме на економско, социјално и религиозно поле. Имавме можност да ги следиме обредите на Страсната седмица од Базиликата Свети Петар во Рим. Оваа Базилика на Апостолскиот првенец, која се смета за центар на христијанството, беше празна, а Плоштадот пред Базиликата, каде што на Велики петок, од Колосеум беше преместена побожноста Крстен пат, беше исто толку пусто и без вообичаената толпа луѓе, додека папата Фрањо носеше крст околу плоштадот пред Базиликата на Апостолскиот првенец, како да се работеше за некое филмско сценарио кое ги прикажува последните времиња. Го гледавме Светиот Отец како поминува низ плоштадот со тешки чекори и конечно влегува во празната Базилика.
Во сите католички катедрали ситуацијата беше иста. Истата беше во парохиските цркви и другите места каде што верниците се собираа за да ја прослават победата на животот над смртта, да ја прогласат победата на Исус над злото и гревот и да ги прослават страдањата, смртта и воскресението на нашиот Господ Исус Христос.
Истите сцени се случија и овде кај нас, во нашата татковина, каде како бискуп/епископ на оваа месна Црква во согласност со канонските одредби, од грижа за здравјето и животот на верниците и на сите граѓани на нашата земја, со голема тага и тешко срце донесов одлука светите литургии и литургиските обреди за време на Светото тродневие се одбележат без народ, ослободувајќи ги верниците од должноста да одат на неделните и богослужни празнувања.
Драги браќа и сестри, помина цела година, а пандемијата не стивнува, но во интервали секогаш се појавува во нови форми, а социјалните проблеми се влошуваат. Живееме во време на големи предизвици, бидејќи покрај епидемиолошките тешкотии, се зголемуваат и економските проблеми, а со тоа и многу проблеми во светот. Ние, кои живееме тука во оваа драга земја што Бог ни ја даде како наследство, не сме изземени од сето ова. И кај нас болеста создаде многу проблеми, поради што многу економски сектори останаа затворени и многу работници без работа.
Иако процентот на католичките верници во нашата земја во односот на севкупното население во Македонија е многу мал, сепак како Црква не можеме да стоиме настрана и да бидеме неми набљудувачи на настаните во земјата. Ние како христијани сакаме според своите можности да го помогнеме и поддржиме секој човек што е во неволја, да ги тешиме ужалените и да вдахнеме надеж дека Бог на оние што го сакаат ќе им подари добро. Не сме во можност да направиме големи работи за да му помогнеме на нашиот народ во ова тешко време, но како тоа на еден прекрасен начин и со едноставни зборови го рече нашата светица света Мајка Тереза: „Во овој живот не можеме да правиме големи работи, сепак, можеме да правиме мали работи со голема љубов.“ На овој начин секогаш можеме да си помогнеме едни на други со „голема љубов“ и со тоа да ја размножуваме радоста меѓу себе, да покажеме љубов и да ја зајакнеме надежта. Таков пример ни даде самиот наш Господ, кој се предаде за нас и кој нашите болки ги зеде на Себе (сп. Исаија 53,4). „А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија. Казната на нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Исаија 53,5). Следејќи го нашиот Господ и имајќи ја предвид големата љубов што ја покажа кон човечкиот род и ние чувствуваме колку сме како Црква потребни едни на други да се поддржуваме едни со други во верата и меѓусебно едни на други да си помагаме на патот кон спасението. Кога како заедница на верата се собираме во радоста на заедништво, кога сопружниците си простуваат едни на други, кога возрасните и младите меѓусебно се поднесуваат во љубовта, кога плачиме со расплаканите и се радуваме со радосните, кога во рамките на нашиот позив и послание прискокнуваме едни на други во неволја, тогаш ја извршуваме вистинската откупителна служба на преданост кон воскреснатиот Господ Исус Христос, кој по својот Дух дејствува преку нас.
Драги браќа и сестри, Велигден е најголемиот христијански празник. За нас христијаните, празниот гроб не е доказ за Христовото воскресение, туку живиот и славен Христос. Тој им се јавува на своите верни, прво на оние што живеат на работ, мали и слаби, на оние кои немаат големо значење во општеството и за чие мислење едвам кога се прашува. Тој прво и се објавува на една жена, Марија Магдалена, која станува апостол на апостолите. Токму оттука започнува сè! Таа им ја пренесе оваа радосна вест на апостолите, на кои потоа почнале да им се отвораат очите да го разберат Писмото и да им се враќа силата од состојбата на летаргијата (мртвилото) во која беа западнати по настаните на Велики петок. Кога примија сила од Светиот Дух, тие станаа Христови сведоци сè до крајот на земјата.
Затоа велигденската порака е навистина порака на Божјата голема милост кон луѓето. Бог ветува живот на оној кој се заплеткал во својот грев, носејќи на себе низ животот печат на срамот. Затоа, празникот на Христовото воскресение ни дава надеж, ни дава вистинска слобода, ја враќа радоста и ни дава место каде што се чувствуваме како дома, татковина во која никогаш нема да бидеме странци.
Воскресението на Исус е одлучувачка точка во потрагата по Исус. Свети апостол Павле вели: „Ако Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера“ (1 Коринтјаните 15,14). Исус верата во Воскресението ја поврзува со својот живот: „Јас сум воскресение и живот!“ Тој во последниот ден ќе ги воскресне оние што ќе веруваат во Него и што ќе се хранат со Него при Неговата трпеза.
На сите Ви посакувам среќен празник Воскресение Христово – Велигден и благословени велигденски празници. Амин, алилуја! Христос воскресе – Навистина воскресе!
Ваш бискуп/владика
+ Киро Стојанов