Мултимедиумскиот информативен портал на Светиот Престол, кој започна да работи пред три години од четвртокот е достапен и на еврејски јазик, вкупно на 36 јазици. Со ова дополнително се зајакнати настојувањата зборовите и сведоштвата на Папата, како и вестите од животот на Црквата да бидат пренесени низ целиот свет.
Латинскиот патријарх од Ерусалим Пјербатиста Пицабала истакна дека еврејскиот јазик има големо симболично значење за христијаните затоа што, заедно со грчкиот и арамејскиот, е јазикот на Светото Писмо. Тој додаде дека новата веб-страница е на современ еврејски јазик, но е директно поврзан со јазикот на библиските патријарси, пророци и царевите од античко време и на еврејскиот народ од времето на Исус.
Патријархот Пицабала потсети на напорите на Црквата, посебно после Вториот ватикански собор, да развие пријателски односи со еврејскиот народ и на тој начин да придонесе за подобар свет. Патријархот ги спомена посетите на последните Папи на синагогите во различни делови на светот, средбите со претставниците на еврејскиот народ, посетите на Светата Земја, посебно на Западниот брег и Јад Вашем, споменикот на жртвите од холокаустот.
Еврејскиот јазик не е новина во светот на комуникациите на Светиот Престол. Беше присутен на веб-страницата на Радио Ватикан од октомври 2010 година, кога се одржа специјалната Епископска синод за Блискиот Исток, до декември 2017 година. Денешната страница на еврејски јазик е овозможена благодарејќи на напорите и соработката на Латинскиот патријархат и Викаријатот Свети Јаков во Ерусалим.
Ватикан њуз/к.мк