Ватикан ја објави програмата за претстојното патување на Папата во Латинска Америка

Ватикан ја објави програмата за претстојното патување на Папата во Латинска Америка

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ги објави програмата, логата и мотата за претстојното апостолско патување на папата Лав XIV во Уругвај, Аргентина и Перу, кое ќе се одржи од 6 до 17 ноември.

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави програмата за претстојното апостолско патување на папата Лав XIV во Јужна Америка во ноември, при што Светиот Отец ќе ги посети Уругвај, Аргентина и Перу и во текот на дванаесет дена ќе престојува во десет градови.

Заедно со програмата беа претставени и логата и мотата за секоја од трите етапи на патувањето.

Светиот Престол уште на 5 август ги објави датумите на патувањето и градовите што Папата ќе ги посети, додека новата програма открива дополнителни детали, вклучувајќи ги термините, местата и активностите.

Уругвај

Папата Лав XIV ќе пристигне во Уругвај, каде што ќе престојува од 6 до 8 ноември и ќе ги посети Монтевидео, Пајсанду и Флорида.

Ова ќе биде прва папска посета на земјата по патувањето на свети Иван Павле II во 1988 година.

Мотото за оваа етапа ќе биде „Ви носам голема радост“, преземено од ангелската објава до пастирите во Витлеем (Лука 2,10).

Логото го прикажува Христос распнат и воскреснат, опкружен со папата Лав XIV и Богородица на Триесет и тројцата, заштитничка на Уругвај.

Над нив се наоѓа сонцето, инспирирано од „Мајското сонце“, еден од симболите на уругвајскиот национален идентитет, додека сината боја упатува на националното знаме.

Аргентина

На 8 ноември папата Лав XIV ќе отпатува во Аргентина, каде што ќе остане до 11 ноември.

Програмата предвидува посети на Буенос Аирес, Кордоба и Лухан.

Посетата ќе има особено значење бидејќи Аргентина е родната земја на папата Фрањо. Папата Лав XIV ќе пристигне во земјата речиси четири децении по последната папска посета, кога свети Иван Павле II ја посети Аргентина во 1987 година.

Мотото за оваа етапа ќе биде „Добредојдени се сите. Одете и проповедајте“.

Логото прикажува група луѓе со крст во средината. Распоредот на фигурите симболизира заедничко одење, во кое секој учествува со чувство на соодговорност, од средбата до навестувањето на Евангелието, како ученици мисионери на пат.

Перу

На 11 ноември Папата ќе отпатува во Перу, каде што ќе остане до 17 ноември.

Ова ќе биде најдолгата етапа од патувањето и ќе вклучува посети на Лима, Чиклајо, Куско и Пукалпа.

Посетата ќе има особено лично значење за папата Лав XIV, кој помина многу години во Перу во мисионерска и пастирска служба.

Мотото за оваа етапа е „Да ги отвориме нашите срца“.

Логото е обликувано со срце што ја симболизира отвореноста кон Бога, кон другите и кон иднината.

Во внатрешноста се наоѓа мапата на Перу, над која Светиот Дух е претставен во облик на гулаб. Во средината е папата Лав XIV, опкружен со перуанските светци света Роза од Лима, свети Турибиј од Могровехо, свети Мартин де Порес, свети Фрањо Солано и свети Иван Масијас.

Ватикан њуз/к.м

Категорија: Uncategorized

За авторот