Ватикан: Полноќната Света Литургија и благословот Urbi et Orbi ќе бидат преведувани на знаковен јазик
Ватикан њуз во соработка со ТВ2000 и с. Вероника Донатело од Италијанската бискупска конференција ќе обезбедат бесплатен превод на знаковен јазик на полноќната света Литургија и благословот Urbi et Orbi за лицата со оштетен слух и пречки во говорот – објавено е од Ватикан во среда 23 декември 2020 година.
„Ја повторувам потребата да се обезбедат соодветни и достапни алатки за пренесување на верата. Исто така, се надевам дека ќе им биде достапна што е можно повеќе бесплатно, на оние на кои им е потребно исто така и преку новите технологии, кои се покажаа како исклучително важни за сите во светот во овој период на пандемија“. Прифаќајќи го овој апел од папата Фрањо, во пораката за Меѓународниот ден на лицата со попреченост од 3 декември, медиумите во Ватикан ќе понудат бесплатен превод на знаковен јазик на полноќната света Литургија, која Светиот Отец ќе ја служи на 24 декември и традиционалните божиќни пораки со благословот Urbi et Orbi на 25 декември.
На You Tube каналот на Ватикан њуз, на линкот https://e.va/lis, луѓето со пречки со говорот и слухот ќе можат да следат два директни преноси со превод на знаковен јазик. Како и за време на Велигден, говорите на Папата ќе бидат преведени на знаковен јазик од раководителот на Националната служба на Италијанската бискупска конференција за пасторална грижа за лицата со попреченост, сестра Вероника Донатело во соработка со ТВ2000.
Услугата за превод на знаковен јазик, која веќе беше понудена за време на велигденското славење оваа година исто така ќе биде обезбедена и за Божиќ.
Ватикан њуз/к.мк