По повод празникот Рождество Христово, до Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов и до католичките верници во Република Македонија пристигнаа бројни честитки од истакнати личности и институции од јавниот и политичкиот живот. Во пораките доминираат желбите за мир, здравје и духовна радост, како и повиците за солидарност, меѓусебно разбирање и заедништво. По тој повод бискупот Стојанов упати благодарност и воедно на сит граѓани им ги честита претстојните празници
МПЦ – Охридска архиепископија: Големата радост за сите луѓе
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во честитката го цитира благовестието за „голема радост“ и раѓањето на Спасителот во Давидовиот град. Во пораката се подвлекува дека Божиќ е денот што го очекувале старозаветните богоугодници и денот во кој „Бог постана човек“, истакнувајќи ја големината и важноста на празникот.
Архиепископот Стефан упатува повик верниците да им се придружат на ангелите во песната од онаа Витлеемска ноќ и „заедно со мудреците и пастирите“ да се радуваат за големата Радост наменета за сите луѓе. Честитката завршува со серадосниот поздрав „Христос се роди!“, честитајќи ги божикните и новогодишните празници.
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова: Добри дела и човечка блискост
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова во нејзината честитка до бискупот Стојанов и до верниците на Католичката црква посакува овие светли празнични денови да донесат добро здравје, духовен мир и радост, со порака празникот да ги исполни домовите со спокој, љубов и топлина.
Претседателката подвлекува дека Божиќ потсетува на вечните вредности: солидарност, човечност и надеж, кои ги зближуваат луѓето и ја зајакнуваат вербата во подобра иднина. Во духот на празникот, таа повикува на чинение добри дела, дарување насмевки и негување човечка блискост, со порака за ведрина и позитивна мисла во секојдневието, споделувајќи радост со сите околу нас.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски: Рака за најранливите
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во честитката упатена до бискупот Стојанов и католичките верници, посакува благосостојба, духовен мир и добро здравје. Тој нагласува дека празничните денови треба да ги исполнат домовите со радост, љубов и Божји благослов, а раѓањето на Спасителот да донесе надеж, единство и топлина во срцата.
Во пораката се издвојува и повикот за солидарност: да се „подаде рака“ кон ближните, без оглед на разликите, особено кон оние на кои им е потребна помош и кон најранливите категории. Мицкоски ја нагласува и пораката дека „заедно можеме да градиме посилна, заедничка и поуспешна Македонија – земја во која секој граѓанин се чувствува ценет, заштитен и исполнет со надеж за поубава иднина.
Претседателот на Собранието Африм Гаши: Различностите како богатство
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во името на законодавниот дом и во свое лично име, упати искрени честитки до бискупот Стојанов и католичките верници. Тој ги истакна универзалните пораки на Божиќ: мир, солидарност, човечност и заемно почитување, како вредности со особено значење за соживотот и стабилноста во мултиетничкото и мултирелигиското општество.
Во честитката се нагласува дека овие вредности се основа за градење демократска, праведна и просперитетна држава во која различностите се почитуваат и се доживуваат како богатство. Гаши изразува уверување дека соработката меѓу институциите и верските заедници ќе продолжи да ја јакне општествената кохезија и меѓусебното разбирање.
Комисија за односи со верските заедници: Дијалог и соживот
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, преку директорката Оливера Трајковска, испрати телеграма со честитки до Католичката црква во земјата. Во пораката се потенцира евангелската порака „Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето со добра волја“ (Лука 2,14), која се истакнува како траен поттик за градење општество засновано на дијалог, солидарност и соживот.
Комисијата упатува желби празникот да донесе мир, љубов и духовна радост, како и здравје, спокој и благосостојба во секој дом. Дополнително, се нагласува значењето на пастирската мисија на бискупот Стојанов и придонесот за доброто на верниците и за унапредување на меѓусебното разбирање во општеството, со поздравот: „Христос се роди – Навистина се роди!“.
Д-р Ѓорге Иванов: Божиќ како нов почеток и надеж
Поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), д-р Ѓорге Иванов, упати честитка во име на неговото семејство и во негово лично име, адресирана до бискупот Стојанов, пасторалниот персонал и целата католичка заедница. Во својата порака тој потсетува дека Божиќ е еден од најзначајните моменти во историјата, денот кога „Синот Божји поради љубовта кон човештвото се отелотвори и стана човек“.
Иванов ги нагласува Бадник и Рождеството Христово како симбол на нов живот, нов почеток и надеж, повикувајќи на живеење „во хармонија“ и на дарување љубов и добрина. Во духот на празникот, тој посакува здравје, духовен мир и благосостојба, со традиционалниот поздрав: „Мир Божји – Христос се роди!“.
Бројни други честитки
Покрај честитките од државните и верските институции и од носителите на јавни функции, до бискупот Стојанов и католичката заедница пристигнаа и бројни други честитки од најразлични луѓе и институции, граѓански здруженија, организации и поединци, кои преку свои пораки ја споделија радоста на празникот и упатија желби за здравје, мир и благослов.
Благодарност од бискупот Стојанов
Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, срдечно благодари на сите што упатија честитки и добри желби по повод Рождеството Христово. Тој истакнува дека секоја честитка е знак на добрата волја што Божиќ ја буди во луѓето и потсетува на ангелската порака за мир и љубов меѓу луѓето со добра волја. Со благодарност и почит, бискупот нагласува дека ваквите честитки го зајакнуваат меѓусебното разбирање, братската грижа и солидарноста, затоа што, како што учи Светото Писмо, повикани сме да бидеме „едно срце и една душа“ во добрината и во служење на ближните.
Во пресрет на божиќните и новогодишните празници, бискупот монсињор д-р Киро Стојанов во свое лично име и во име на Католичката црква во Македонија посакува за сите граѓани, институции, верски заедници и организации Рождеството Христово да биде извор на светлина и мир во секој дом, како што Евангелието нѐ потсетува: „Мир меѓу луѓето со добра волја“ (Лука 2,14). Богомладенецот Христос нека дарува здравје, утеха и радост, а во срцата нека ја зацврсти надежта што не згаснува и љубовта што гради заедништво. Божјиот благослов нека биде со сите вас, и новата година нека донесе добрина, милосрдие и слога.
к.мк

