Божиќна честитка на монс. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија

Браќа и сестри, драги читатели, гледачи и слушатели, луѓе со добра волја!

Божик е. Празнуваме еден настан кој историски се случил во Палестина, во градот Витлеем. Скромно, незабележително раѓање на дете кое не беше само син на Марија од Назарет, туку, уште повеќе, беше Син на живиот Бог – Исус Христос. Бидејќи Бог е вечен, Божиќното празнување не е само спомнување на настан од минатото, туку тоа е настан и денес. Бог, неопходната потреба на човекот да го сретне, допре и сознае, му излезе во пресрет и самиот стана човек: Бог со нас – Емануел. Божјото доаѓање при човекот ни овозможи и ние денес да се среќаваме со Него. Ние сме луѓе во времето, а Бог е вечен, но, во истиот свет што го надминува нашето време и простор ја слушаме и оваа година Божјата порака. Човештвото во 21 век се обидува да живее – повеќе од кога и да е досега во историјата – како Бог да не постои. Секојдневно нè изненадува по некој трагичен настан за кој се прашуваме дали е тоа возможно. Со своите очи гледаме што сè околу нас се случува, како сè повеќе човекот од човек е отуѓен и како човек е против човекот и покрај сите безбројни декларации и документи за солидарност, соживот, демократија и за подобро општество. Опкружени сме со апатија, рамнодушност и безнадежност. Драги браќа и сестри: Не! Да не допуштиме да бидеме заведени со сето она што е околу нас, туку да допуштиме  Божиќниот настан да се случи во нас. Сите реформи и сите ветувања се празни ако не се промени човекот. А човекот не се менува со техника, туку внатрешно со промена на менталитетот, живот по срце и совест. Мојата желба, честитка и молитва е во таа насока. Не можам да ви ветам ништо, туку тоа што може Бог не само да вети туку и да изврши – а тоа е да внесе мир и рамнотежа во нашето срце и совест. Сакам за сите Вас Божјото приближување, Божиќното таинство, да не биде празен обичај, туку да биде вистински настан и да почувствуваме дека тој Бог тропнал и на ѕидините од нашето срце и нашата совест. Примете Го и не плашете се, Христос дојде не да суди, туку да го спаси светот. Нека ви биде среќна и благословена Божјата присутност на овој Божик. Христос се роди!

Категорија: Македонија

За авторот