Бог секогаш ја услишува понизната и искрена молитва
Треба упорно и со сигурност да молиме дека Бог ќе ги слушне нашите молитви. Молитвата ги има овие две карактеристики: истовремено е „неопходна“ и „сигурна“ дека Бог според својот наум и на свој начин ќе ја услиша потребата – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 06 декември во капелата на домот Света Марта.
Кога молитвата е сериозно христијанска тогаш таа осцилира помеѓу потребата и сигурноста дека ќе биде услишена, иако не се знае кога; бидејќи кога некој моли, а не стравува дека Му досадува на Бог, туку цврсто се доверува во Неговата татковска љубов. Слепа е како и двајцата слепи, за кои говори денешното Евангелие, кои викаат по Исус затоа што им е потребно оздравување, или како слепиот од Ерихон, кој го повикуваат Учителот со посилен глас од гласот на оние кои сакаат да го замолчат. Исус нѐ научи да молиме како „досадниот пријател“ кој доцна во ноќта проси храна, или вдовицата со корумпираниот судија – потсети папата Фрањо.
Не знам дали ова звучи лошо, но молитвата е помалку „досадување на Бог за да нѐ послуша“. Господ вели: како пријателот доцна во ноќта, како вдовицата со корумпираниот судија… Значи да ги привлечеш кон себе Божјите очи и срце… А така правеле и губавите кога му се приближиле: „Ако сакаш можеш да нѐ оздравиш!“ Биле сигурни. Исус нѐ учи така да молиме. Кога молиме често мислиме: да, на Господ му ја изнесов својата потреба, многу пати сум ја откривал, но не така силно. Потоа се изморувам да барам и на тоа заборавам. Но тие викале и не се изморувале. Исус ни вели: „Барајте“, и „чукајте на вратата“, а кој чука на вртата создава врева, пречи, досадува – објасни папата Фрањо.
Упорноста е на границата со досадувањето, но е непоколеблива сигурност. За тоа ни се пример слепите од Евангелието. „Се чувствувале сигурни од Господ да барат оздравување“, бидејќи кога Исус ги прашува дали веруваат дека може да гиоздрави, тие одговараат: „Да, Господи, веруваме! Сигурни сме!“
Молитвата има две карактеристики: неопходност и сигурност. Неопходна молитва е секогаш кога нешто бараме: „Ова ми е потребно, слушни ме Господи.“ А кога е вистинска, тогаш е сигурна: слушни ме! Верувам дека ти можеш да го направиш тоа, бидејќи ти тоа го вети– рече папата Фрањо.
Тој вети: тој е аголен камен на кој се потпира сигурноста на молитвата. Со таа сигурност – повтори Папата – своите потреби му ги говориме на Господ, сигурни сме дека Тој може тоа да го направи. Да молиш – додаде Светиот Отец – значи да го чувствуваш Господовото прашање упатено до двајцата слепи: „Веруваш ли дека можам да го направам тоа?“
Тој тоа може да го направи. Кога и како, ние тоа не го знаеме. Тоа е сигурноста на молитвата. Потребно е искрено да му се каже на Господ. Слеп сум, Господи. Потребно ми е, болен сум, грешник сум. Ме боли ова… но тоа секогаш да биде вистина. А Тој ги слуша потребите, но и чувствува дека со сигурност ја бараме Неговата помош. Да размислиме за својата молитва, дали е неопходна и сигурна: неопходна бидејќи самите себе си ја признаваме вистината, а сигурна бидејќи веруваме дека Господ може да го направи тоа што го бараме – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.