Се наоѓаме во еден посебно милосен период, имено Божиќниот пост. Целта на овој пост е да се приближиме до едно од таинствата на нашата вера, а тоа е Рождеството на нашиот Господ Исус Христос. И преку овој пост Црквата нѐ повикува повторно да се потсетиме на големата љубов која Бог ја искажува кон нас и да сфатиме дека доаѓањето Христово во човечко тело, односно како Богомладенец не било корисно само за оние кои живееле во времето на Спасителот, туку неговата љубов допира и денес до нас, затоа што неизмерно нѐ љуби, Бог сака да ги примиме благодатите, и според неговата волја да ги уредиме нашите животи.
Зошто да не одговориме на тој Божји повик, зошто да не ги отвориме вратите на нашите срца за него. Замислите како нашите врати од срцето не биле отворени многу години, можеби и со децении, можеби и сме ги заклучувале со разни брави и катанци. А сега сме решени да ги отвориме. И секако дека тоа оди тешко, но со упорност и молитва и тоа може да се случи. Дозволи му го тоа на Господ во овој пост и празник на неговото рождество. Тој сака да биде со тебе.
о. Гоце Костов/к.мк
Фото: Profimedia