Бог делува во понизноста и тишината
Бог делува во понизноста и тишината, а не спектакуларно – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 9 март во капелата на домот Света Марта.
Денешното Евангелие зборува како Исус ги укорува граѓаните на Назарет заради нивното неверување: тие на почетокот го слушале со воодушевување, а потоа го искажале својот гнев. Можеби некој дрдорлив човек го побунил народот зборувајќи: За што ни зборува тој? Каде учел за да може сето тоа да ни го зборува? Нека ни ја покаже својата диплома! Зар не е син на дрводелец? На тоа избило бес и насилство. “Го истераа надвор од градот, за да го турнат одозгора.“ Сакале да го убијат – рече папата Фрањо.
Првото литургиско читање зборува за Нееман војвода на сирискиот цар, кој бил лепрозен. Пророкот Јелисеј го испраќа да се искапи во реката Јордан за да оздрави, а тој истотака се налутил, бидејќи очекувал некаков спектакуларен гест. По советот на слугата сепак го послушал пророкот и лепрата исчезнала. И граѓаните на Назарет и Нееман „сакале спектакал“, „но стилот на добриот Бог не е спектакуларност: Бог делува во скромноста, во тишината, во малите работи.“ Божјиот начин се забележува во самото создавање. Човекот не го создал со волшебно стапче, туку од земја, а така делува низ целата историја на спасение – рече Светиот Отец.
Кога сакал да го ослободи својот народ, го ослободил преку верата и надежта на еден човек – Мојсеј. Кога сакал да го сруши моќниот град Ерихон, го направил тоа со помош на блудница. За обраќањето на самарјанците побарал помош од една друга грешница – рече Папата и потсети на борбата на Давид против Голијат како и на мудреците. На мудреците им рекол дека е роден Цар, голем Цар, а што нашле? Дете во јасли. Едноставни работи, Божја понизност – тоа е Божјиот стил – никогаш спектакл – повтори Папата.
Продолжувајќи со проповедта Светиот Отец го спомна Исусовото искушение во пустината. Ѓаволот барал Исус да се фрли од врвот на храмот за народот да може да види спектакл, да верува во Него. Господ напротив се објавува во едноставноста, во понизноста. Би било добро во овој пост да размислуваме за тоа како Господ во животот ни помагал, ќе откриеме дека секогаш тоа го правел преку едноставни работи – рече Папата додавајќи:
Бог прави едноставни работи, во срцето тивко зборува… Во својот живот се сеќаваме што многупати сме слушнале: Божјиот стил е понизноста; едноставноста е Негов стил. Убаво е што во литургисиките славења, во светите Тајни се покажува Божјата понизност, а не световноста, спектакуларноста. Ќе ни користи да размислуваме за тоа како во нашиот живот Господ со својата милост многу пати нè посетил секогаш на понизен начин. Он сака понизноста да биде и наш стил – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.