Богаството, суетата и горделивоста нè одделуваат од Исус
Грдо е да видиш христијанин кој сака да го наследува Исус и монденството – предупреди папата Фрањо во текот на светата Литургија на 26 мај во домот Света Марта.
Грдо е да видиш христијанин кој сака да го наследува Исус и монденството – предупреди папата Фрањо во текот на светата Литургија на 26 мај во домот Света Марта. Папата истакна дека христијанинот во животот треба да донесе радикална одлука; не може да постои некое „делумно христијанство“, не може да се поседуваат и небото и земјата.
Откако Господ му кажал на богатото момче да го продаде целиот имот и да го подари на сиромасите, Петар го прашува Исус што ќе добијат учениците за возврат ако го наследуваат. Папата Фрањо во своето размислување во проповедта започна од тој многу актуелен разговор.
Веднаш на почетокот Светиот Отец рече дека Исус не одговара во насока која ја очекувале учениците; тој не зборува за богаство, туку ветува наследство на Царството небесно, но со прогонство, со крст. Заради тоа – рече Папата – кога христијанинот е прврзан на добрата, создава грда слика за христијанин кој сака да има две работи: небото и земјата. А каменот на искушението е всушност тоа што го кажува Исус: крстот и прогонствата.
Тоа значи да се одречеш од себе, да поднесуваш крст секој ден… – рече папата Фрањо и додаде дека и учениците биле во тоа искушение; да го наследуваш Исус, но што ќе има на крајот за таа добра работа? Да се сетиме на мајката на Јаков и Иван – додаде Светиот Отец – кога барала од Исус место за своите синови. „Овој направи го прв министер, овој министер за економија…“ и така во наследувањето на Исус примила световен интерес – истакна Папата.
Но, срцето на тие ученици после било прочистено – рече папата Фрањо – сѐ до Духови кога сè сфатиле. Бесплатноста во наследувањето на Исус е одговор на бесплатноста на љубовта и спасението кое ни го дава Исус. А кога се сака да се оди со Исус и со светот и со сиромаштвото и со богатството, тоа е делумно христијанство кое сака материјална заработка. Тоа е духот на монденството – предупреди Папата.
Таквиот христијанин куца на двете нозе, бидејќи не знае што сака – рече Светиот Отец наведувајќи го пророкот Илија и истакна дека за разбирање на тоа треба да се потсети како Исус ни навести дека првите ќе бидат последни, а последните први, односно оној кој верува или кој е најголем треба да биде служител, односно најмал.
Наследувањето на Исус од човечки аспект не е добра работа, бидејќи тоа е служење. Тоа Тој го правел и ако Господ ти даде можност да бидеш прв треба да се однесуваш како последен, односно да служиш. А ако Господ ти даде можност за богатство треба да се однесуваш служејќи односно за другите. Има три работи кои нè оделуваат од Исус: богатството, суетата и горделивоста – истакна папата Фрањо и додаде дека богатството заради тоа е опасно, бидејќи веднаш води до суета и ти се чувствуваш важен, а тогаш стануваш горделив и губиш сè.
Напротив, патот кој ни го покажува Господе е патот на кој треба да се „соголиш“ како што Тој направил: Кој е прв меѓу вас, нека ви биде слуга – рече Светиот Отец и напомена дека работа со учениците Исус го чинеше многу, многу време, бидејќи добро не ја разбрале. Затоа и ние – треба да Го молиме да нè поучи на тој пат, на таа наука на служење. Сакаш ли да нè поучи на таа наука за понизност? Таа наука да бидеме последни за да им служиме на браќата и сестрите во Црквата?
Грдо е да видиш христијанин – додаде Папата – без разлика дали лаик, посветена личност, свештеник или епископ кога се гледа дека сака две работи: да го наследува Исус и материјални добра, Исус и монденството. Тоа е спротивно сведоштво кое ги одделува луѓето од Исус – рече Светиот Отец и ги поттикна присутните да продолжат заедно да ја слават Евхаристијата мислејќи на прашањето на Петар: Сè оставивме, како ќе ни платиш? И на Исусовиот одговор: Цената која Он ќе ни ја даде е сличноста со Него. Таа е ќе биде платата. Голема „плата“ да бидеш сличен со Исус! – истакна на крајот папата Фрањо.
РВ/Д.И.