Блаженствата се „програма за светост“ за христијаните!

Блаженствата се програма на христијанскиот живот – истакна папата Фрањо на 9 јуни 2014, на утринската Света Литургија во Домот Света Марта. Во проповедта Папата говореше за блаженствата, истакнувајќи – ден после историската средба за мир во Ватикан – дека треба да се има храброст за благост како би се победила омразата.

Блаженствата се програма, лична карта на христијанинот. Размислувајќи за блаженствата, за кои говори Евангелието во денешната Литургија, Светиот Отец рече дека ако некој праша: ’Како се постанува добар христијанин?’, тука го наоѓаме одговорот кој нè упатува на работите кои одат „против струјата“ во однос на она што обично се работи во светот. Блажени се бедните по дух. Богатството тука не ти гарантира ништо – рече Папата. Уште повеќе, кога е срцето богато, толку е задоволно со себе, да нема место за Божјото Слово.

Блажени се оние што плачат, тие ќе се утешат! Меѓутоа, светот ни говори: радост, среќа, забава, тоа е убаво во животот. И занемарува, гледа на другата страна кога ќе дојдат проблеми поради болест или жалост во семејството. Светот не сака да плаче, сака да ги занемарува болните ситуации, ги сокрива. Само личноста која ги гледа работите онакви какви што се, и плаче во своето срце, е среќна и ќе биде утешена. Ќе биде утешена со Исусовата утеха, не онаа од светот.

Блажени се кротките во овој свет кој од почетокот е свет на војни, свет во кој насекаде се препираат, во кој насекаде има омраза. А Исус вели: без војни, без омраза, само мир и благост – истакна Папата и додаде – Ако сум благ во животот, луѓето ќе мислат дека сум луд. Нека мислат така – рече Светиот Отец – меѓутоа, ти си благ бидејќи поради таа благост ќе ја наследуваш Земјата.

Блажени се гладните и жедните за правда; блажени се оние кои се борат за правда, како би ја имало во светот – додаде Папата. Многу е лесно да се влезе во друштвото на корупција, во онаа секојдневна политика ‘do ut des’, односно политика на взаемни отстапки. Сè е бизнис. И колку неправди! Колку луѓе трпат поради неправдите – истакна Папата. А Исус вели: ’Блажени се оние кои се борат против тие неправди’.

Блажени се милостивите бидејќи ќе се здобијат со милост! Милостивите, оние кои опростуваат, кои ги сфаќаат погрешките на другите. Исус не вели ’блажени се оние кои се осветуваат’ – истакна папата Фрањо. Блажени се оние кои опростуваат, милостиви се. Бидејќи, сите сме ние војска од оние на кои им е простено! – забележа Светиот Отец и додаде – Поради тоа блажен е оној кој оди по тој пат на опростување.

Блажени се чистите по срце, оние кои имаат едноставно срце, чисто, беспрекорно, срце кое знае да сака со онаа, така убава чистота.

Блажени се миротворците. Меѓутоа, кај нас вообичаено е да се биде службеници на војната или барем на недоразбирањето! –забележа Папата и објасни дека тоа се случува – како што рече – кога слушам нешто, па одам до другиот и му раскажувам, и при тоа правам второ, малку проширено, издание па го пренесувам… Тоа е свет на мрморења, озборувања. Луѓето кои озборуваат не создаваат мир, тие се непријатели на мирот. Тие не се блажени – напомена Папата.

Блажени се гонетите заради правда. Колку луѓе се прогонети, колку ги имало прогонети едноставно поради тоа што се бореле за правда – истакна Светиот Отец и повторно напомена дека Блаженствата се програма за животот кој ни го предлага Исус. Така едноставен, меѓутоа така тежок.

Кога би сакале нешто повеќе, Исус ни дава и други упатства – додаде папата Фрањо – протокол по кој ќе бидеме судени, а го наоѓаме во 25 поглавје од Евангелието по Матеј. „Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене“. Покрај тие две работи, Блаженствата и 25-то поглавје од Евангелието по Матеј, христијанскиот живот може да се живее на ниво на светост – истакна Светиот Отец.

Малку едноставни зборови, меѓутоа практични за сите луѓе, бидејќи христијанството е практична религија; таа не е за размислување, туку за ставање во пракса, за живот – истакна папата Фрањо и ги поттикна сите присутни– како што рече – да ако имаат денес малку време, дома да го земат Евангелието по Матеј; на почетокот од петтото поглавје ќе ги најдат тие Блаженства, а во 25-то поглавје ќе го најдат второто. Добро ќе направите ако тоа го прочитате еднаш, два или три пати. Меѓутоа, важно е тоа да се прочита, бидејќи тоа е програма за светост. Нека Господ ни подари милост да ја сфатиме Неговата порака – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот