Благодарна света Литургија по повод Првата годишнина од посетата на папата Фрањо на Македонија

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов во четврток 7 мај 2020 година служеше благодарна света Литургија во Скопската катедрала по повод Првата годишнина од посетата на папата Фрањо на Македонија
Поради пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД -19 светата Литургија се служеше без присуство на народ, а беше пренесувана преку социјалните мрежи и Радио Марија.
Во проповедта бискупот Стојанов се осврна видео конференцијата која се одржа истиот ден по повод Првата годишнина од посетата на папата Фрањо во Македонија, а на која бројни учесници од земјата и регионот ги споделија своите впечатоци од тој историски момент, кој ќе остане длабоко врежан во сеќавањето на луѓето и историјата на Македонија. „Нарекувајќи ја нашата земја мост помеѓу Исток и Запад и место за средба на многу култури, Светиот Отец се осврна на богатата историја и присутноста на христијанството на овие простори кое датира од апостолско време. Истакна дека големо културно наследство на Македонија, односно етничката и верската разноликост е плод на историјата. Коментирајќи го религиозното и етничкото богатство на Македонија, Папата истакна дека различноста создала мозаик во кој секое каменче е неопходно за оригиналност и убавина на целата слика“.
Епископот Стојанов во проповедта спомена и некои делови од средбата и моменти кои ќе останат трајно вдахновение и храна за генерациите.