Бискупот Стојанов ја предводеше светата Евхаристија на празникот Мариино вознесение на небо во Скопската Катедрала

Бискупот Стојанов ја предводеше светата Евхаристија на празникот Мариино вознесение на небо во Скопската Катедрала

Бискупот Стојанов по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, според грегоријанскиот календар, служеше света Литургија во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во сослужение со Катедралниот парох дон Паво Шеќерија и о. Марјан Ристов, канцелар.

Во својата проповед бискупот Стојанов истакна: Се собравме овде во овој Божји храм да го прославиме прaзникот: Марија вознесена на небо или Голема Богородица. Таа беше едно човечко суштество, назаретска девојка која Бог ја подготви да биде Богомајка. Бог неа ја сочува од источниот грев со кој сите ние се раѓаме. Таа е безгрешна затоа што беше верна на Бога и ја сочува безгрешшноста верно служејќи му на Бога. Сѐ што Бог од неа побара, таа верно го исполнувала. После Христовото воскресение доликуваше Марија да не искуси распаѓање во гробот што е последица на гревот. Таа безгрешна не го искусила распаѓањето во гробот, туку со душата и телото е вознесена на небо. Тоа е догма која Папата ја прогласи на темелот на верата на Црквата. Таа догма ги собирала и ги собира верниците како низ историјата така и денес. Денешниот човек има потреба од мајка која има срце да не слушне. Дојдовме кај Богородица бидејќи сме уверени дека таа е Мајка Божја, но и наша мајка. Дојдовме кај мајката која е окрунета за Царица на небото и земјата. Дојдовме да се помолиме и уверени сме дека таа ќе не слушне и услиша. Секој од нас и ги носи своите тешкотии и страдања. Свесни, дека денешниот човек има потреба некому да ги изнесе тие страдања и тешкотии за да доживее утеха и мир, рече бискуп Стојанов.

Потребна ни е доверба во Бога на добрината кој ни ја дава својата мајка. Потребно ни е мајчинско срце на кое можеме да му се довериме и да најдеме утеха и да ја обновиме радоста на верата, која е најубавиот и најголемиот подарок. Овој подарок сакаме да го пренесеме на нашите поколенија и идните генерации. Прекрасно е кога човек ве гледа како стоите во редот за исповед. Тешко е да се доживее и исполни заветот, ако претходно не сме се обновиле со светата тајна на помирување, истакна Бискупот.

Ако го ставиме Бога на свое место во нашиот живот, тогаш секој човек ќе го оствари своето достоинство. Дојдовме овде да се пронајдеме себеси, да го најдеме Бога и да ја откриеме смислата на животот. Нека, драги браќа и сестри, нашиот живот на оваа земја биде таков, да живееме според Божјите заповеди, за да ја доживееме вечната радост и среќа каква што ја доживеа и постигна Марија, заклучи бискуп Стојанов.

к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот