Бискупот Стојанов упати честитка до новиот митрополит Дебарско-кичевски Георгиј

Бискупот Стојанов упати честитка до новиот митрополит Дебарско-кичевски Георгиј

По повод изборот на игуменот Георгиј за нов Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Скопскиот бискуп и Струмичко-Скопски епископ, монсињор д-р Киро Стојанов, во четврток 12 јуни 2025 година, упати честитка до новоизбраниот митрополит.

Во честитката, бискупот Стојанов изразува радост и братска љубов, поздравувајќи го изборот на Игуменот Георгиј, истакнувајќи дека во неговата личност САС на МПЦ-ОА препознава пастир по Божјо срце (сп. Јеремија 3,15), чувар на верата и единството, слуга на слугите Божји (сп. Марко 10,45), кој со понизност ќе го води доверениот народ кон полнотата на животот во Христа.

Епископот Стојанов ја нагласува богословската зрелост и познавањето на црковната реалност кај новиот митрополит, како и неговиот отворен дух за дијалог и соработка, оценувајќи ги како голем дар за целиот македонски народ и поттик за продолжување на соработката во љубовта Христова.

Во завршниот дел од честитката, бискупот го препорачува пастирското служење на Игуменот Георгиј на молитвеното застапништво на свети апостол Павле, светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски, свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Мајка на Црквата, посакувајќи да го придружуваат во неговото пастирско служење, на слава Божја и за спасение на доверениот Божји народ.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот