Бискупот Стојанов служеше света Литургија за Татковината

Во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, празникот Мала Богородица според Грегоријанскот календар, 8 септември 2015 година, бискупот Стојанов служеше Света Литургија за Татковината.

Во својата хомилија, бискупот Стојанов запраша, како денес на роденденот на Блажена Дева Марија нашата радост и благодарност да не бидат посебно големи? „Се роди таа која по својот Син Исус Христос овозможи пристап кон вечниот живот во Царството на нејзиниот Син. Најмногу ќе ја зарадуваме ако бидеме послушни деца на нејзиниот Син“.

Во вториот дел од хомилијата бискупот Стојанов се осврна на денот на независноста на Република Македонија. „На овој значаен ден, роденденот на Блажена Дева Марија славиме уште еден роденден, а тоа е денот на државноста кој е значаен за сите луѓе, за сите граѓани кои живеат во оваа наша Татковина – Македонија, а пред сè за нас верниците, бидејќи со полна одговорност сакаме да се запрашаме како го живееме заедништвото, колку сме чувствителни кон општото добро и колку допринесуваме нашата Татковина да биде земја на мирот, солидарноста, правдата и меѓусебното почитување. Колку повеќе меѓу себе се почитуваме толку повеќе ќе знаеме да ги почитуваме своите ближни и би дале свој принос во поврзувањето на народите на нашиот континент“.

к.мк/С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот