Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија во предвечерието на празникот Воскресение Христово, 31 март 2018 година, служеше Воскресна света Миса во Катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје. Со бискупот Стојанов сослужуваа дон Давор Топиќ, о. Марјан Ристов, монс. Антун Циримотиќ и о. д-р Туралија.
Покрај бројниот верен народ на светата Миса присуствуваше Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер на внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, министерот без ресор Зоран Шапуриќ, директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски и бројни луѓе од дипломатскиот кор и јавниот културен и општествен живот.
Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, и внесување на воскресната свеќата во катедралата.
Бискупот Стојанов во својата проповед истакна: „Браќа и сестри, почитувани пријатели! Во првиот дел од оваа единствена литургија во изобилие ги слушнавме понудите на Божјото слово кое низ историските чекори нè доведе до висината на Божјото дело. Во оваа историја Тој од грешникот направи праведник, мртвиот го врати во живот, додека од стариот направи сосема нов човек. Да, во оваа литургија го славиме Божјото дело, второто создавање на човекот. Првото кое започнало со Адам, му припаѓа на минатото, иако е долга таа историја на човечкото страдание предизвикана како последица на гревот, односно непослушноста кон Создателот, која е впишана во нашата природа. Кога Тој нè создаваше, ја впиша можноста на нашата целовитост која се состои во тоа како да бидеме среќни луѓе. Човечката слобода која знае да биде многу опасна е заведена од лошиот дух и тогаш човекот сака да живее како Бог да не постои.”
“Драги браќа и сестри ве повикувам во оваа воскресна ноќ да не бегаме од Божјиот глас, туку да го послушаме и да сведочиме: Исус е жив, Исус воскресна и го сретнав. Посакувам да нè посети ангелот на воскресението и да го отстрани каменот од вратата на нашите срца, а воедно да молиме да ја ослободи Црквата од прогонства, клевети и напади. Со овие мисли посакувам да ви биде благословен денот на Христовото воскресение. Христос воскресе!”
На крајот од проповедта на сите верници им посака среќен Велигден, заблагодарувајќи се на претставниците на државните власти и од другите структури како и на медиумите кои го овозможија преносот на Велигденското бдение во скопската катедрала.
За време на литургијата пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова, а за свеченоста на литургиското служење допринесоа парохиските министранти.
к.мк