Бискупот Стојанов се обрати на Меѓународната конференција „Религија и насилство“ во Тетово

На 16 октомври 2015 година Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов во придружба на скопскиот декан дон Давор Топиќ присуствуваше на отворањето и заседавањето на првиот ден од Меѓународната конференција „Религија и насилство“ која ќе трае до 18 октомври во државниот универзитет во Тетово.

На самиот почеток во својот поздравен говор бискупот Стојанов ги цитираше зборовите на папата Фрањо против насилството во светот и потоа истакна: „За жал не можеме да тврдиме дека владеат слободата и мирот, бидејќи сè уште се водат војни, а насилството е обележје на овој свет. Почетокот на мирот денес е загрозен со двоен ризик: од една страна злоупотребата на религијата како повод за насилство, а од друга страна како „не“ на Бог во име на целосната секуларизирана визија од страна на човекот кој понекогаш е во состојба да предизвика насилство без мерка.

Во тој контекст сакам да кажам дека тероризмот го оправдува секој облик на насилство и знаеме дека тероризмот често се оправдува со религијата и во тој случај религијата не е во служба на мирот. Критичарите на религијата тврдат дека религијата е главната причина за насилство и затоа поттикнувале непријателство кон религијата. Во религијата ја гледат главната причина за насилство и сакаат таа да исчезне. Но, отфрлањето на Бог произведува безгранично насилство. Насилството не припаѓа на природата на религијата!

Заради верата во Бог гледаме дека мирот е можен, а како верници сме повикани одново да го откриеме општото послание на мирот кој е во центарот на нашите верски традиции. Да се живее заедно е иднината. Таа визија за нас христијаните е вкоренета во верата: Бог во Кој веруваме, е Создател и Отец на сите луѓе; појдувајќи од тоа сите луѓе се помеѓу себе браќа и сестри и прават едно единствено семејство. Христовиот крст за нас е знак Божји кој наместо насилство ни става: трпи со другите и љуби со другите. (Бенедикт XVI, Асиз 2011)

Му благодарам и го молам Бог оваа наша средба која се зазема за надминување на насилството и поделбите да биде плодоносна и конструктивна и да нè направи вистински промотори на правдата и мирот во светот“, рече биспупот Стојанов.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот