Бискупот Стојанов присуствуваше на приемот организиран од претседателката Гордана Силјановска Давкова за поглаварите и претставниците на верските заедници

Бискупот Стојанов присуствуваше на приемот организиран од претседателката Гордана Силјановска Давкова за поглаварите и претставниците на верските заедници

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор Киро Стојанов во среда 16 мај 2024 година присуствуваше на приемот организиран од претседателката Гордана Силјановска Давкова за поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот.

На средбата покрај бискупот Стојанов присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква, Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

На средбата претседателката Силјановска Давкова изрази подготвеност за соработка со сите верски заедници и религиозни групи во државата, во интерес на меѓусебното разбирање и почит.

При тоа таа ја истакна важноста на верските заедници во негувањето на соживотот и изрази увереност дека верските заедници ќе продолжат да даваат активен придонес во напорите за одржување и натамошен развој на добрите меѓуверски односи.

Таа ја поздрави работата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и придонесот во градењето на доверба и соработка меѓу верските заедници и религиозни групи, заштита на секуларниот карактер на државата и унапредување на верските слободи и права на граѓаните.

На средбата претседателката се заблагодари за упатените честитки по повод нејзиното стапување на функцијата.

к.мк

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Силјановска Давкова

Категорија: Македонија

За авторот