Бискупот Стојанов и монс. Јуришиќ остварија средба со Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан
На 7 мај 2015 година во просториите на Македонската православна архиепископија во Скопје, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, заедно со деканот на Католичкиот богословски факултет (КБФ) во Сарево монс. д-р Паве Јуришиќ и скопскиот декан и парох дон Давор Топиќ, го посетија Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и деканот на Православниот богословски факултет во Скопје, проф. д-р Аце Гиревски.
На почетокот од средбата Скопскиот бискуп се заблагодари за приемот и го претстави деканот на КБФ, монс. Паве Јуришиќ, истакнувајќи ја желбата за можната соработка во иднина помеѓу овие две богословски училишта.
Господин Стефан им посака добредојде на гостите, истакнувајќи дека оваа средба е од голема корист, за да се слушне искуството на други теолошки факултети и го запозна деканот Јуришиќ со историјата на Православниот богословски факултет во Скопје, кој постои од 1977 година. Исто така посака соработка меѓу овие два факултета, изразувајќи благдоарност на Ватикан и за тоа што нивните врати секогаш се отворени за студентите од Македонската православна Црква.
Деканот Јуришиќ се заблагодари на поздравните зборови и го пренесе поздравот од врхобосанскиот надбискуп, кардинал винко Пуљиќ. Присутните ги запозна со историјата на КБФ, кој својот почеток го има во 1890 година. Зборувајќи за соработката со Православниот факултет во Фоча и факултетот за исламски науки во Сарево, деканот Јуришиќ рече дека соработката е видлива преку заедничките програми во кои настапуваат професори и на тој начин го даваат својот допринес на општеството за доброто на секој човек.
Деканот Гиревски се интересираше за патотона позиционирање на КБФ во Сараево. Деканот Јуришиќ објасни на кој начин КБФ влезе во склоп на Универзитетот и почитувањето на посебноста на мисијата која еден теолошки факултет ја има во склоп на својата црковна (верска) заедница и изрази подготвеност со своето искуство да помогне во понатамошната работа за позиционирање на Православниот факултет во Скопје, кој моментално е само придружна членка на Универзитетот во Скопје. Се согласија во иднина соработката меѓу двата факултети да биде во облик на посети и меѓусебно запознавање, а со тек на време може да прераснат и во поголема соработка.
Господин Стефан во знак на благодарност за посетата, за библиотеката на КБФ во Сарево поклони Свето Писмо на македонски јазик.
к.мк