Бискупот Стојанов во пасторална посета на Индија
Во недела 16 февруари 2014 година во попладневните часови Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монсињор д-р Киро Стојанов отпатува од аеродромот „Александар Велики“ во двонеделна пасторална посета на Индија.
Епископот Стојанов рече дека ова патување во Индија, а особено во Калкута каде се наоѓа гробот на блажена Мајка Тереза, која е родена во Скопје, го доживува како драгоцено и го смета за врска на Скопје и Калкута. Исто така нагласи дека ова ќе биде негова прва посета на Калкута и на гробот на блажена Мајка Тереза, каде како пастир на повереното му стадо ќе моли за нови духовни повици и за потребите на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија.
Организатор на посетата во Индија е монсињор Боско Путхур, новоименуван бискуп во Мелбурн. Меѓу другото епископот Стојанов на самиот почеток ќе ги посети Мумбаи и Њу Делхи, потоа бискупијата Нашик и нејзиниот бискуп монсињор Лоурдес. Во недела на 23 февруари во попладневните часови епископот Стојанов ќе ја посети апостолската нунцијатура во Њу Делхи и ќе се сретне со апостолскиот нунциј монсињор Салваторе Пенакио.
На 24 и 25 февруари епископот Стојанов ќе го посети градот Калкута и гробот на блажена Мајка Тереза, каде ќе служи Света Литургија и ќе се сретне со генералната поглаварка на Сестрите мисионерки на љубовта, сестра Анита Росе и нејзините сестри кои делуваат во Калкута.
Од 26 до 28 февруари епископот ќе ги посети градови Трихур, Палајур, Олур, Путенхира, Гурувајур, Парапур, и значајни места на провинцијата Керала, каде меѓу другото ќе го посети центарот на Сиро-Малабарската источно католичка Црква во Кочи, по што ќе ја посети гората Св. Тома, апостолот на Индија, кое е едно од најпроминентните ходочаснички места.
дон Давор Топиќ