Без жртва нема духовен развој

Започна постот, а Евангелие нè предупредува: Ако сакаме да го следиме Исус, тогаш да го носиме сопствениот крст – „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека ме последува“.

Господ се обраќа на „сите“ и говори за секојдневниот крст. Овие Исусови зборови и денес имаат свое полно значење. Упатени се на сите кои сакаат да го следат: навистина, не постои христијанство без крст, христијанство кое би било за троми и немарни христијани на кои им е непозната пожртвуваноста. Исусовите зборови објавуваат неопходен услов: „И кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде мој ученик“.

Христијанството од кое се настојува да се отфрли крстот на доброволно умртвување и покора под изговор дека потсетува на мрачното време од средниот век и дека е потполно незамисливо во денешното модерно и хуманистичко време, е искривено христијанство. Таквото христијанство само би се нарекувало христијанство и не би можело да ја сочува евангелската наука ниту нуди поттик на луѓето во наследувањето на Христос.

Без духот на пожртвуваност и умртвување нема развој на духовниот живот. Свети Иван од Крст вели дека ако само мал број на луѓето успева да дојде во состојба на длабока поврзаност со Господ, тоа е затоа што многумина не сакаат да се подложат на „поголема покора и умртвување“. Исто така е запишано: „Ако сакате да го поседувате Христос, никогаш немојте да го барате без крст“.

Да не заборавиме значи дека умртвувањето е во блиска врска со радоста и дека срцето, кога е прочистено, постанува попонизно во однос со Господ и другите луѓе. „Ова е голем парадокс кој со себе го носи христијанското умртвување. На прв поглед изгледа како прифаќање, уште повеќе, барање на страдање, прави од добри христијани најжалосни суштества, личности кои „најлошо проаѓаат“. Стварноста е сосема поинаква. Умртвувањето носи тага само во случај на себичност и недостаток на великодушност и љубов за Господ. Жртвувањето секогаш носи со себе радост и покрај болката: радост бидејќи се исполнува Божјата волја која ја сакаме и за неа се залагаме. Добрите христијани живеат ‘quasi tristes, semper autem gaudentes: како жалосни, а секогаш радосни’ (2 Кор 6,10)“.

Оваа медитација е краток извадок од дневните медитации кои целосно се наоѓаат во книгата на Франциско Карвајало: Да се разговара со Господ. II (Коризма и Страсната недела)

Битно.нет/С.С.

За авторот