Аудиенција: Три збора за среќен живот во семејството
За среќен и постојан живот на брачниот пар и на семејството за да преовладува взаемната љубов и почитување, а не однесување кое ги загрозува односите, неопходни се три збора: „дозволи“, „прости“ и „благодарам“ – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда
За среќен и постојан живот на брачниот пар и на семејството за да преовладува взаемната љубов и почитување, а не однесување кое ги загрозува односите, неопходни се три збора: „дозволи“, „прости“ и „благодарам“ – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција на 13 мај одржана на плоштадот Свети Петар.
Дали темелите на некои семејства се од камен или од песок покажуваат трите зборови – „дозволи“, „благодарам“ и „прости“ и за нив Папата зборуваше во денешната катехеза со која – како што рече – има намера да започне серија размислувања за животот во семејството. Светиот Отец најпрво се осврна на доброто воспитување. Тоа може да биде „половина светост“, како што говорел Фрањо Салешки или пак маска која го сокрива студенилото на душата и неинтересирањето за другиот односно кратко кажано „лоши навики“ – истакна папата Фрањо.
Ѓаволот кој го искушува Исус може да се пофали со модерно однесување и го наведува Светото Писмо како некој теолог. Неговото однесување изгледа исправно, но намерата му е да го одврати од Божјата љубов. За нас пак доброто воспитување е таму каде што стилот на добри односи е цврсто вкоренет во љубовта кон доброто и во почитувањето на другиот – рече Папата, а потоа се осврна на влијанието, секогаш насочено на доброто кои што овие три збора ги имаат во животот на брачниот пар и семејството.
Зборот „дозволи“ односно да се погрижиш учитиво да се замоли и она што можеби мислиме дека можеме да го очекуваме поставува – според зборовите на Папата – вистинска заштита на духот на брачниот и семејниот соживот. Да се влезе во животот на другиот, па и тогаш кога тој е дел од нашиот живот бара внимателност за ненападно однесување кое ја обновува довербата и почитувањето. Имено, блискоста не дава за право сè да се подразбира (…) Пред да направиме нешто во семејството треба да кажеме: „Дозволи, може ли тоа да го направам? Сакаш ли тоа да го направам?“ Тоа е добро за семејството; таков учтив говор, но полн со љубов – истакна Светиот Отец.
Осврнувајќи се потоа на зборот „благодарам“, папата Фрањо го истакна фактот дека нашата цивилизација станува цивилизација на лошо владеење и грди зборови, во која оној кој се заблагодарува се смета за слаб или дури се гледа со недоверба. Затоа Папата многу одлучно истакна дека треба да бидеме упорни во воспитанието за благодарноста, за признанието; низ тоа поминува и достоинството на луѓето и социјалната праведност. Ако животот во семејството го занемарува таквото однесување тогаш ќе го изгуби животот во општеството. Освен тоа – додаде Папата – благодарноста кај христијаните е во самиот центар на верата: христијанин кој не знае да се заблагодари го заборавил Божјиот јазик.
Третиот збор е „прости“. Недостатокот на овој збор ги зголемува пукнатините кои постојат во некој однос и тие стануваат – како што рече Светиот Отец – длабоки провалии. Да признаеме дека сме згрешиле и да сакаме да го вратиме она што сме го одземале – почитување, искреност, љубов – нè прави достојни за прошка. На тој начин се запира распаѓањето – истакна Папата и додаде – Но, ако не сме во состојба да се извиниме значи дека не сме ниту во состојба да простиме.
Ако во семејството сте се скарале немојте никогаш да го завршите денот без да се помирите – предупреди Папата и напомена дека не е потребно да клекнеш пред другиот. Доволен е мал гест и ќе се врати хармонијата во семејството. Доволно е да го помилуваш другиот, без зборови. Но, немојте никогаш да го завршите денот во семејството не помирувајќи се – повтори Папата напоменувајќи дека тоа не е лесно, но е неопходно. Имено, така животот ќе биде поубав – истакна Светиот Отец.
На крајот 25 000 верници собрани на плоштадот Свети Петар се претворија во хор кој го предводеше папата Фрањо и ги повтори трите посебни зборови кои се темелот за мирот во семејството кој пак секогаш треба да го поставиме пред заоѓањето на сонцето.
РВ/Д.И.