Во среда 23 ноември 2022 година, Н.Е. монс. Лучано Суријани, Апостолски нунциј во Македонија, во придружба на Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов, го посети Македонски Каритас, при што оствари средба со директорот о. д-р Зоран И. Стојанов и персоналот.
Директорот Стојанов посакувајќи му добредојде на надбискупот Суријани, го претстави персоналот, како и тековните проектни активности на Македонски Каритас.
Апостолскиот нунциј Суријани се заблагодари за поздравните зборови, а потоа го охрабри персоналот на Каритас да сведочат за милсордната љубов Божја. Во разговорот Апостолскиот нунциј потсети на зборовите на папата Фрањо, дека е со сите оние кои помагаат, оние кои се во потреба, како и тоа кога Папата зборува за сиромашните нагласува дека тие немаат само потреба од материјална помош, туку потребно е и да се погледнат во очи за да се оствари средба, почитувајќи го нивното достоинство.
На крајот Апостолскиот нунциј монс. Суријани порача да продолжат да бидат видлив знак на Христовата љубов за сите луѓе, по што ги благослови присутните со Апостолски благослов.
к.мк