Од молитвената средба во организација на Заедницата свети Егидиј во базиликата Света Марија во римската населба Арачели под мотото „Никој не се спасува сам“ религиските поглавари упатија во вторник 20 октомври 2020 година апел за мир во светот.
Се собравме во Рим во ‘духот на Асизи’ духовно поврзани со верниците во целиот свет и сите луѓе со добра волја. Рамо до рамо молевме за дарот на мирот на Земјата. Си спомнавме за раните на човештвото, носејќи во срцата тивка молитва на многу страдалници, кои пречесто немаат ниту име ниту глас. Затоа се чувствуваме обврзани да го живееме овој апел и свечено да го упатиме на одговорните државници, како и на граѓаните и граѓанките од целиот свет – се истакнува во апелот.
Во денешното времена дезориентираност и погодени од последиците на пандемијата од коронавирусот, кои се закануваат на мирот со ширењето на нееднаквоста и страв, одлучно порачуваме: Никој не може да се спаси сам, ниту еден народ, никој! Војните и мирот, пандемијата и здравјето, гладот и пристапот до храна, глобалното затоплување и одржливиот развој, преселба на народите, запирање ана нуклеарната опасност, намалување на нееднаквоста не ги погодуваат само некои нации. Тоа подобро го разбираме дене, во овој потполно поврзан свет, кој пак често го губи чувството за братство. Сите сме браќа и сестри. Го молиме Севишниот после овој период на искушение повеќе да не постои „други“, туку само едно големо и повеќеслојно „ние“. Повторно дојде времето за храбри визи, дека мирот е можен и дека свет без војни не е илузија. Затоа сакаме уште еднаш да повториме: „Никогаш повеќе војни!“
За жал изгледа дека војната за многумина е можно решение за меѓународните спорови. Но, тоа не е така. Пред да биде касно, сакаме сите да ве потсетиме дека светот после војна секогаш е полош, од што бил. Војната претставува пораз на политиката и човештвото, се предупредува во апелот на религиските поглавари и ги повикува владејачите да го отфрлат говорот на поделби, кој често се храни со чувства на страв и недоверба. Не одете по патот без враќање, заедно да погледнеме на жртвите. Има уште многу, премногу отворени судири, предупредуваат религиските поглавари.
Одговорните на државите ги повикуваме на заедничко настојување за нова архитектура на мир. Да ги обединиме своите сили за живот, здравје воспитување и мир! Дојде моментот средствата кои се вложуваат за производство на разорни и смртоносни оружја да се употребат во залагање за живот и грижа за луѓето и заедничкиот дом. Да не губиме време! Да запознаеме со остварливите цели: да ги обединиме напорите за запирање на ширењето на вирусот сѐ додека не се пронајде одговарачка и достапна вакцина за сите. Оваа пандемија ни покажа дека сите сме во крвно сродство, сестри и браќа – порачуваат во апелот.
На сите верници и луѓе со добра волја им порачуваме: Бидете креативни и да станеме занаетчии на мирот, да градиме социјални пријателства, да создадеме култура на дијалог! Искрен, чесен и храбар дијалог е лек против недовербата, поделбата и насилството. Дијалогот во корен ги уништува причините за војни, кои го убиваат проектот на братство кое припаѓа во основата на мисијата на човечкото семејство. Сите сме одговорни, сите треба да простиме и да бараме простување. Неправдата во светот и историјата не може да се излекуваат со омраза и освета, туку со дијалог и простување. На сите Бог да ни даде идеали за заеднички пат, да го допре секое срце и да нѐ направи гласници на мирот, – повикуваат верските поглавари.
Апелот го потпишаа претставници на светските религии, меѓу нив и папата Фрањо, почесниот поглавар на Православната Црква патријархот Вартоломеј и претставници на јудеизмот, хиндуизмот и будизмот и симболично го предадоа на политичарите од повеќе земји, кои беа присутни на средбата.
Ватикан њуз/к.мк