Апел на Папата за Украина: Војната што има сериозни последици за цивилите, мора да се запре
По молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV апелираше за мир во сите области погодени од конфликти, молејќи се за оние кои страдаат, како што е украинското население изложено на студот. Тој ги поздрави младите луѓе од движењето Католичка акција и ги потсети дека злото може да се победи само со добро. Тој се осврна и на денешниот Светски ден на лепрата, на Неделата на Божјото Слово која ја воведе папата Фрањо и на крајот на Молитвената осмина за единство на христијаните.
Да се молиме за оние што страдаат, да се залагаме за крај на војната. Во недела 25 јануари 2026 година, папата Лав XIV, откако се помоли со молитвата Ангел Господов, уште еднаш апелираше за мир во земјите погодени од конфликт. Тој посебно се осврна на Украина, која во последните денови доживува драматично руско бомбардирање на енергетската инфраструктура, оставајќи повеќе од еден милион луѓе без електрична енергија, вода и греење во период на многу ниски температури. Тој нагласи:
Украина е погодена од постојани напади овие денови, оставајќи го целото население изложено на студот. Со тага го следам она што се случува, блиску сум до оние што страдаат и се молам за нив. Продолжувањето на непријателствата има сè посериозни последици за цивилите, ги продлабочува поделбите меѓу народите и го оддалечува вистинскиот и траен мир. Затоа повикувам на зголемени напори за завршување на оваа војна.
Повик до младите од „Католичка акција“ да бидат миротворци
Потоа Светиот Отец им се обрати на бројните момчиња и девојчиња од движењето Католичка акција (Azione Cattolica) во Рим, кои се присуствуваа на молитвата Ангел Господов заедно со своите родители, воспитувачи и свештеници. Истакнувајќи ја важноста на сведоштвото на братството, тој додаде:
Драги деца и млади, ви благодариме што ни помагате нам, возрасните, да го видиме светот од поинаква перспектива, перспектива на соработка меѓу различни луѓе и нации. Ви благодариме, бидете миротворци дома, во училиште, во спортските активности, насекаде. Никогаш не користете насилство, ниту со зборови ниту со гестови; злото се победува само со добро. Заедно со вас, се молиме за мир во Украина, на Блискиот Исток и во сите региони каде што, за жал, се водат војни за интереси што се против народот. Мирот се гради преку почит кон луѓето.
Заштита на достоинството на луѓето со лепра
Римскиот епископ се осврна и на Светскиот ден на лепрата, изразувајќи ја својата близина со нив и охрабрувајќи го Италијанското здружение на пријатели на Раул Фолеро (AIFO) и сите оние кои се грижат за засегнатите да работат на заштита на нивното достоинство. Потоа потсети дека денешниот ден, третата недела во годината, папата Фрањо ја прогласи пред седум години за Недела на Божјото Слово, со цел да се промовира познавањето на Светото Писмо во целата Црква и да се посвети поголемо внимание на Божјото Слово во Литургијата и животот на заедниците. Затоа им се заблагодари на сите оние кои се посветени на оваа важна задача со вера и љубов. Папата Лав XIV заврши нагласувајќи дека денес завршува Молитвената осмина за единство на христијаните, потсетувајќи дека вечерва ќе ја предводи Вечерната молитва во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, заедно со претставници на други христијански заедници.
Ватикан њуз/к.мк

