Ангел Господов: Христос, надеж на сиромашните, ја победува ароганцијата на оние кои лакомо се заситуваат на нивна штета

Ангел Господов: Христос, надеж на сиромашните, ја победува ароганцијата на оние кои лакомо се заситуваат на нивна штета

Во своето пладневно обраќање, во недела на 18 август 2024 година, папата Фрањо објасни дека Евхаристијата, „небесниот леб“, „жив и вистински леб“ не е нешто магично што ги решава сите проблеми одеднаш, туку Исусовото Тело е повеќе од неопходна храна бидејќи ја задоволува гладта за надеж, гладот за вистина, гладот за спасение што сите го чувствуваме, не во стомакот, туку во срцето. Лебот од небото е дар што ги надминува сите очекувања. Го пренесуваме во целост говорот на Папата пред молитвата Ангел Господов

ПАПА ФРАЊО
АНГЕЛ ГОСПОДОВ,
Плоштад Свети Петар, недела, 18 август 2024 година.

Драги браќа и сестри, ви посакувам пријатна недела!

Евангелието денес ни зборува за Исус кој едноставно вели: „Јас сум живиот леб што слезе од небото“ (Иван 6,51). Синот Божји пред мноштвото се поистоветува со најобична и секојдневна храна – лебот: „Јас сум лебот“. Меѓу оние што слушаат, некои почнуваат да се расправаат (сп. р. 52): „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?” Тоа прашање си го поставуваме и денес, но со восхит и благодарност. Еве два става за размислување: восхит и благодарност, пред чудото на Евхаристијата.

Првиот став е восхитот, бидејќи Исусовите зборови нè изненадуваат. Но, Исус секогаш нè изненадува, секогаш. И денес, во животите на секој од нас, Исус не изненадува. Лебот од небото е дар што ги надминува сите очекувања. Оние кои не го разбираат Исусовиот стил остануваат сомничави: изгледа невозможно, дури и нечовечко, да се јаде човечко месо и да се пие крв на друг (сп. р. 54). Тоа тело и таа крв, сепак, се човечноста на Спасителот, самиот негов живот понуден како храна за нашиот.

И ова нè доведува до вториот став: благодарноста – првиот е восхитот, а сега благодарноста – затоа што го препознаваме Исус каде што тој станува присутен за нас и во нас. Станува леб. „Кој го јаде моето тело… останува во мене, и јас во него“ (сп. р. 56). Христос, вистинскиот човек, многу добро знае дека мора да јадеме за да живееме. Но и тој знае дека тоа не е доволно. Откако ќе го умножи земниот леб (сп. Иван 6,1-14), Тој подготвува уште поголем дар: Самиот станува вистинска храна и питие (сп. р. 55). Ти благодарам, Господи Исусе! Од срце можеме да кажеме: благодарам, благодарам.

Небесниот леб, кој доаѓа од Отецот, е токму Синот кој се воплоти за нас. Таа храна ни е потребна повеќе од се, бидејќи ја исполнува гладта за надеж, гладот за вистината, гладот за спасение што сите го чувствуваме, не во стомакот, туку во срцето. На сите ни е потребна Евхаристијата.

Исус се грижи за најголемата потреба: нè спасува, го храни нашиот живот со неговиот и тоа засекогаш. Благодарение на него, можеме да живееме во заедништво со Бога и едни со други. Живиот и вистински леб не е, значи, нешто магично што ги решава сите проблеми одеднаш, туку самото Тело Христово, кое им дава надеж на сиромашните и ја победува ароганцијата на оние кои лакомо се заситуваат на нивна штета.

Да се запрашаме, браќа и сестри: дали сум гладен и жеден за спасението, не само за себе, туку и за сите мои браќа и сестри? Кога ја примам Евхаристијата, која е чудо на милосрдието, можам ли да се восхитувам пред Телото Господово, кој умре и воскресна за нас?

Заедно да се помолиме на Дева Марија да ни помогне да го прифатиме дарот од небо во вид на леб.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот